Телото на мажот пронајдено на плажа во декември сè уште не е идентификувано, соопшти британската полиција.
Детективите апелираат за помош од јавноста за да се идентификува маж чие тело беше пронајдено нешто пред 12 часот по локално време на 28 декември минатата година на плажата Лилсток во Сомерсет. Телото на мажот било во вода меѓу еден и пет дена.
Полицијата претпоставува дека мажот е по потекло од Хрватска или Босна и Херцеговина, но не објасни зошто. „Спроведуваме опсежни истраги, вклучително и форензички и ДНК проценки, за да се обидеме да го идентификуваме човекот, но сè уште не сме во можност да го сториме тоа“, рече инспекторот Џорџ Петингел.
Неидентификуваниот маж е опишан како бел, со крупна градба, со избричена глава, на возраст меѓу 40 и 50 години. Носел црна јакна, црн џемпер, црвени панталони и црни патики Најк кога бил пронајден.
„Ние тесно соработуваме со соседните сили и со судскиот вештак додека се обидуваме да откриеме кој е тој и да ги известиме членовите на семејството“, изјави Петингел. Полицијата побара од секој кој има информации кои би можеле да помогнат да се идентификува, да се јави.