Новиот дизајн на "Ray-Ban Meta" паметните очила

Точка

11/03/2025

20:39

860

Големина на фонт

а а а

Новите "Ray-Ban Meta x Coperni Limited Edition Wayfarer" паметни очила, претставени на Модната недела во Париз, доаѓаат во ограничена серија од 3.600 примероци и со цена од 549 долари, но не носат значајни дизајнерски иновации во споредба со претходните модели.

По тизерот минатата недела, новиот дизајн на ова ограничено издание на "Ray-Ban Meta" очилата беше конечно претставен, но резултираше со разочарување. Се очекуваше инспирација од соработката со "A$AP Rocky", новиот креативен директор на "Ray-Ban", но наместо тоа, "Ray-Ban" и "Meta" здружија сили со "Coperni" за да креираат редизајнирана верзија на "Wayfarer" очилата, кои дебитираа на "Coperni" ревијата за време на Модната недела во Париз.

Како и претходните ограничени изданија на "Meta" и "Ray-Ban" паметните очила, овој модел има проѕирен рам, но во црна боја, за разлика од целосно проѕирниот дизајн на претходниот модел. Покрај тоа, има сиви огледални стакла и "Coperni" лого на краевите на рачките.

Од аспект на хардвер, очилата се идентични со другите паметни очила од серијата "Meta" и "Ray-Ban". Овие вклучуваат звучници за музика, камера од прво лице за фотографии и видеа, како и мобилен "AI" асистент кој може да помогне со задачи како што е превод во реално време.

Иако овие очила се стилски привлечни, им недостасува иновативноста што би ја очекувале од првата соработка помеѓу "Meta", "Ray-Ban" и трет моден бренд. Ова разочарување е уште поголемо поради цената од 549 долари, што е значително поскапо од стандардните "Ray-Ban Wayfarer" паметни очила (299 долари) и претходните ограничени изданија (429 долари).

Ситуацијата дополнително ја влошува фактот што претходните, поевтини верзии од ограничените изданија имаа транзициони стакла, кои беа попрактични, бидејќи се приспособуваа на различни светлосни услови. Наспроти тоа, новиот модел има рефлектирачки стакла, кои се функционални само на сонце.

Ако не се согласувате со ова мислење и сметате дека новиот "Coperni" модел е вистинскиот избор, треба да реагирате брзо. Со само 3.600 достапни примероци во САД, Канада, Велика Британија, Ирска, Австрија, Белгија, Франција, Италија, Шпанија, Германија, Финска, Норвешка, Данска, Шведска и Австралија, очекувано е брзо да бидат распродадени, пишува "Tech Radar".