НАТО за ситуацијата во Босна и Херцеговина: Ова не е 1992 година

Макфакс

12/03/2025

12:14

519

Големина на фонт

а а а

Обвинителството на Босна и Херцеговина денеска издаде налог за приведување на претседателот на Република Српска Милорад Додик, премиерот на РС Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на РС Ненад Стевандиќ.

НАТО се огласи со изјава за ситуацијата во Босна и Херцеговина, нагласувајќи ја својата позиција за стабилноста на регионот.

„НАТО останува цврсто посветен на стабилноста на овој регион и на суверенитетот, територијалниот интегритет и безбедноста на Босна и Херцеговина“. Тие повикаа на почитување на Дејтонскиот мировен договор.

„Ја поддржуваме Канцеларијата на високиот претставник, сите дејствија што го поткопуваат Дејтон, уставниот поредок или националните институции се неприфатливи. Запаливите реторики и акции се опасни и претставуваат директна закана за стабилноста и безбедноста на Босна и Херцеговина“, додаваат тие.

„Генералниот секретар на НАТО ја истакна потребата политичките лидери во Босна и Херцеговина да го направат својот дел и да преземат одговорност за напредокот и стабилноста на својата земја“, се вели во соопштението, во кое се додава дека НАТО и меѓународните партнери активно ја следат ситуацијата и немаат намера да дозволат безбедносен вакуум.

„Генералниот секретар јасно стави до знаење дека ‘ова не е 1992 година’ и дека НАТО и неговите меѓународни партнери се присутни и ангажирани во Босна и Херцеговина и нема да дозволат да се појави безбедносен вакуум. На крајот, тој истакна дека Алијансата е посветена на соработката со Босна и Херцеговина“, се вели во соопштението на НАТО.