Зеленски: Не можам да ја продадам Украина

Макфакс

19/02/2025

16:27

845

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска ги отфрли барањата на САД за 500 милијарди долари минерали од Украина со цел Вашингтон да продолжи да обезбедува воена помош за Киев, велејќи дека САД досега не доставиле ни приближно до таа сума и не понудиле конкретни безбедносни гаранции во договорот, пишува Ројтерс.

Украинскиот лидер, кој е под силен притисок од Белата куќа на Трамп, според медиумот, рече дека Вашингтон и доставил на неговата земја 67 милијарди долари (64,22 милијарди евра) оружје и 31,5 милијарди долари (30,19 милијарди евра) директна буџетска поддршка за време на речиси тригодишната војна со Русија.

„Не можете да ги наречете овие 500 милијарди и да барате да вратиме 500 милијарди минерали или нешто друго. Ова не е сериозен разговор“, рече Зеленски.

Според него, предложениот договор не содржи безбедносни одредби што итно и треба на Украина за да се заштити од руска агресија. Тој рече дека нацрт-договорот предвидува САД да преземат сопственост на 50 отсто од клучните минерали во Украина.

„Јас ја бранам Украина, не можам да ја продадам нашата земја. Реков во ред, дајте ни некаква позитива. Напишете некакви гаранции, а ние ќе напишеме меморандум, некакви проценти“, рече тој.

„Ми рекоа: само 50 (проценти). Реков: Добро, не. Нека работат адвокатите уште малку, не ја завршија целата потребна работа. Јас сум само носител на одлуки, не работам на деталите од овој документ. Нека поработат на тоа“.

Прашањето за тоа колкава помош и дадоа САД на Украина станува од големо дипломатско значење додека Киев се обидува да ја задржи поддршката од својот најважен сојузник. Во своите коментари вчера, Трамп се запраша каде отидоа парите донирани за Украина.

Зеленски, одговарајќи на тие коментари, рече дека вкупната помош од САД и Европската унија изнесува 200 милијарди долари (191,69 милијарди евра) од вкупно 320 милијарди долари (306,71 милијарди евра) потрошени за вооружување за воените напори.

Украинците го поднесоа остатокот од трошоците од околу 120 милијарди долари (115,02 милијарди евра), додаде тој.