Израел: Телото што ни го врати Хамас не е на мајката на двете момчиња

Макфакс

21/02/2025

07:50

587

Големина на фонт

а а а

Едно од четирите тела што вчера беа вратени од Газа во Израел не е на заложничкта Шири Бибас, како што тврдеше Хамас, соопшти израелската војска, пренесува Би-би-си.

Веста дека Шири Бибас (33) и нејзините синови Ариел и Кфир, кои сега би имале пет и две години, се мртви, предизвика бран тага во Израел. Возилата на Црвениот крст презедоа четири црни ковчези со фотографии во Појасот Газа, а Хамас ги изложи ковчезите пред да ги предаде.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) го информираа семејството Бибас дека телата на нивните синови се идентификувани откако Хамас вчера ги предаде нивните останки на Израел. Сепак, третото тело не е на нивната мајка, соопшти ИДФ. Тие бараат враќање на нејзиното тело заедно со останатите преостанати заложници. Хамас се уште не го коментираше тврдењето на Израел.

„За време на процесот на идентификација, беше утврдено дека телото што е примено не е на Шири Бибас, ниту пак се совпаѓа со некој друг заложник. Станува збор за анонимно, неидентификувано тело“, објави ИДФ на платформата Х.

„Ова е исклучително сериозно прекршување на договорот од страна на терористичката организација Хамас. Тие беа обврзани да ги вратат четворицата починати заложници. Бараме Хамас да ја врати Шири дома заедно со сите наши заложници“, рекоа тие.

ИДФ соопшти дека двете деца биле брутално убиени од терористите во заробеништво во ноември 2023 година, според разузнавачките и форензичките наоди.

Хамас претходно тврдеше дека момчињата и нивната мајка биле убиени во израелските бомбардирања.

Шири, Ариел и Кфир Бибас имаа 32 години, четири години и девет месеци кога беа киднапирани за време на нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Таткото на децата, Јарден Бибас (34), беше ослободен од заробеништво на Хамас на 1 февруари. Израел потврди дека четвртото тело вратено вчера било на долгогодишниот мировен активист Одед Лифшиц.

Предавањето на телата на заложниците беше договорено како дел од договорот за прекин на огнот кој стапи на сила на 19 јануари, а Израел потврди дека очекува вкупно осум тела. Разговорите за преминување во следната фаза од договорот, во која ќе бидат ослободени преостанатите живи заложници и трајно ќе заврши војната, требаше да започнат на почетокот на овој месец, но сè уште не се одржани. Досега се разменети 28 заложници и повеќе од 1.000 затвореници.

Шеесет и шест заложници земени на 7 октомври се уште се во Газа. Покрај нив се држат уште тројца заложници, кои беа киднапирани пред повеќе од десет години. Се верува дека приближно половина од сите заложници се уште во Газа се живи.

Во нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година, загинаа околу 1.200 луѓе, главно цивили, а 251 лице беа земени како заложници во Газа. Израел одговори со масовна воена кампања против Хамас во која наводно загинале најмалку 48.297 Палестинци, повеќето од нив цивили.

Вчера три автобуси експлодираа во Бат Јам, јужно од Тел Авив, а израелската полиција соопшти дека се сомнева во терористички напад.