Тарифната војна меѓу Кина и САД се разгорува: Поштенската служба на САД не прифаќа пакети од Кина „засега“, укинати се привилегиите за платформите SHEIN и TEMU

Точка

05/02/2025

23:13

729

Големина на фонт

а а а

Поштенската служба на САД го суспендира примањето пакети од Кина и Хонг Конг „до понатамошно известување“

Американската поштенска служба (USPS) објави дека „привремено и до понатамошно известување“ повеќе нема да прифаќа пакети од континентална Кина и Хонг Конг, потег што следува по започнувањето на тарифната војна помеѓу Вашингтон и Пекинг.

„Ги повикуваме САД да престанат со политизирањето и инструментализирањето на економските и трговските прашања и да престанат со неправедното потиснување на кинеските компании“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, на денешната редовна прес-конференција.

Американската поштенска служба не прецизираше причина за краткото соопштение што беше објавено синоќа, но нагласи дека „нема да биде засегнат протокот на писма и рамни пратки од истите локации“.


Објавата следува по реакцијата на Пекинг на американското зголемување на царините за 10% за кинеските производи, кои стапија на сила во вторникот. Како одговор, Пекинг воведе даноци за голем број американски производи, вклучувајќи јаглен, нафта и земјоделски машини.

Одлуката на американската пошта би можела барем привремено да го запре влезот на пакети во САД од популарните онлајн апликации како Shein и Temu, кои нудат евтини производи.

Службеник на поштенската служба на Макао денеска за AFP изјави дека пакети сè уште можат да се испраќаат во САД од кинескиот специјален административен регион.


„Во моментов не сме погодени, бидејќи прекинот се однесува само на пакетите што доаѓаат од Кина и Хонг Конг“, рече тој.

Американскиот претседател Доналд Трамп го објави преземањето на Појасот Газа на прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Фото: АП Алекс Брендон, ЕПА Шон Тју Базен

Предметите со помала вредност претходно беа ослободени од царина во САД, но новата администрација на претседателот Доналд Трамп ја укина таа регулатива и воведе дополнителни царини.


Ослободувањето од царински давачки најмногу им користеше на платформите Shein и Temu, како и на Амазон. Во последните десет години, бројот на пратки ослободени од царински давачки порасна за 600%, достигнувајќи 1,36 милијарди пакети минатата година, во споредба со речиси 140 милиони во 2015 година.

Како реакција на соопштението, акциите на кинеските компании за е-трговија паднаа на берзата во Хонг Конг. Акциите на JD.com изгубија 5,6% од својата вредност.

Трамп најави и воведување царини од 25% за стоки од Мексико и Канада што влегуваат во Соединетите држави, но американскиот претседател во понеделникот одобри едномесечно одложување, откако доби гаранции од властите на тие две земји дека ќе ја зајакнат безбедноста на границите.


Мексико, Канада и Кина се главните трговски партнери на САД и заедно претставуваат повеќе од 40% од увозот на земјата.