Манчестер Јунајтед никако не успева да се стабилизира и негативните ветришта кои дуваат на „Олд Трафорд“ продолжуваат и на стартот на ерата на Рубен Аморим, менаџер кој многу брзо сфати дека си фати работа со целосно неорганизиран тим кој едноставно не знае да врзе неколку добри резултати во низа.
Последен доказ за тоа е најновиот пораз од Кристал Палас на домашен терен, разочарување кое го натера Гери Невил да испорача еден сериозен заклучок за воведната авантура на Португалецот во Манчестер.
Легендарниот дефанзивец на Јунајтед кој со години работи како стручен аналитичар ја гледа целосната слика од повеќе страни, но заклучува дека овој тим изгледа далеку полошо со Аморим, отколку што изгледаше со Тен Хаг.
– Мислев дека ќе биде подобро кога пристигна Аморим. Мислев дека ќе преовладува ентузијазмот и неговиот нов систем кој го форсираше, мислев дека ќе ги „купи“ играчите со своите зборови, но за жал го гледаме сосема спротивното. Ова е многу полошо од времето на Тен Хаг и тоа е изненадувачки.
– Со оглед на лошиот зимски преоден рок, очекувам да биде уште поболно како што ќе се ближи крајот на сезоната, а тоа може да нанесе огромна штета за следната сезона. Јасно е дека клубот ќе се држи до Аморим, но колку повеќе губат, толку повеќе ќе биде тешко да се всади победнички менталитет во овој тим. Поразите нема да му помогне во обидот да биде прифатена неговата идеја за која зборуваше кога пристигна.
– Треба да ги наведеш играчите да веруваат во тебе, но ако продолжи да губи, тој ќе се најде во фокусот. Едноставно не смее да продолжи да губи, тоа може да го однесе тимот во депресивна состојба, а во таква ситуација, играчите почнуваат да се сомневаат во било која идеја. Мора да промени нешто, бидејќи со ова ризикува да се направи штета и за стартот на наредната сезона, – анализира Невил.