Тошковски: За побезбедна Македонија, донација од ЕУ и УНДП за граничната и криминалистичката полиција

Макфакс

27/01/2025

16:10

550

Големина на фонт

а а а

Денеска во Министерството за внатрешни работи беше извршено примопредавање на опрема за борба со нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со и нелегална трговија со мало и лесно оружје. Опремата ќе се користи во одделите за гранична полиција ширум државата и криминалистичката полиција.

Опремата е донирана во рамките на проектот „Поддршка за зајакнување на борбата против нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје во Западен Балкан“ од страна на УНДП и Европската Унија а реализирана преку Агенцијата за контрола на мало и лесно оружје на Југоисточна и Источна Европа (СЕЕСАК).

„Предметната донација која е поддржана од ЕУ и УНДП а реализирана преку СЕЕСАК во значителна мера ќе ја зголеми нашата ефикасност во справувањето со заканите од малото и лесно оружје, пред се на организациските единици за кои оваа опрема е наменета, односно Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за гранични работи и миграции, но и на министерството во целина. Опремата која денеска ја добиваме не е само предмети, компјутери, дронови и останати технолошки помагала, туку истата претставува и поттик за нас како институција континуирано и на дневна база да развиваме стратегија и вложуваме напори во спречувањето на злоупотребата на мало и лесно оружје. Овој проект претставува уште едно признание за успешната соработка која ја имаме со нашите меѓународни партнери од СЕЕСАК, УНДП и Делегацијата на Европската Унија“, потенцираше министерот Панче Тошковски.

Тој истакна дека вкупната вредност на оваа опрема која изнесува 662.532,10 американски долари е навистина за почит и поттик за максимално вложување на Министерството за внатрешни работи во продолжување на успешната соработка како со нашите меѓународни партнери во борбата против сите видови на криминал.

„Сите ние треба да работиме заедно за да ги зачуваме нашите земји и нашите граѓани побезбедни. Оваа донација сè уште е уште еден чекор во долгорочното партнерство и соработка меѓу ЕУ и МВР. Соодветната технолошка опрема е многу важна за ефикасноста на полицијата, како и усогласувањето на националното законодавство со меѓународните стандарди. Задоволни сме од политичката определба прикажана од владата на Северна Македонија со одобрувањето на вториот Патоказ за одржливо решение за борбата против трговијата со оружје на Западен Балкан. ЕУ ќе продолжи да обезбеди поддршка во сите потребни аспекти“, истакна Михалис Рокас, амбасадор на Делегацијата на ЕУ.

Постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан ги истакна пошироките цели на иницијативата: „Оваа донацијата е дел од нашата поширока иницијатива за поддршка на Северна Македонија во постигнување одржливи решенија за мир и безбедност. УНДП останува решен да даде поддршка во спроведувањето на активностите со цел зајакнување на способностите на властите на Северна Македонија за извршување и на превентивните и репресивни дејствија неопходни за успешно идентификување и спречување на злоупотреба и трговија со огнено оружје, муниција и експлозиви од и преку Северна Македонија“.