Изборот на кариерата може да укаже на ризик од ментални заболувања: Откриена врска помеѓу професијата и гените кои го зголемуваат ризикот од нарушувања

Точка

21/01/2025

20:01

837

Големина на фонт

а а а

Изборот на кариера може да укаже на ризик од различни ментални состојби, тврдат авторите на студијата, кои ги проучија податоците на 421.899 возрасни Британци и Американци и откриле врска помеѓу гените кои го зголемуваат ризикот од нарушувања како АДХД, аутизам, депресија и шизофренија и нивните работни места.

Тие проучиле 21 кариера и како што наведоа, иако наодите се статистички значајни, вистинското влијание на овие генетски предиспозиции врз нечиј избор на кариера е прилично мало.


Истражувачите процениле дека генетиката сочинува само околу 0,5 отсто од она што може да влијае врз тоа некој да влезе во одредена индустрија. Наместо тоа, факторите како возраста, полот и образованието беа далеку подоминантни сили.

Болести на кои укажува изборот на кариерата

Уметност и дизајн – генетска предиспозиција за ментална болест воопшто – вклучувајќи анорексија, биполарно растројство, аутизам, шизофренија и депресија.

Луѓето кои работат со компјутери – поголема веројатност да бидат генетски предиспонирани за аутизам и помалку подложни на депресија и АДХД.

Наставници - поголема веројатност да имаат знаци на анорексија и АДХД, во споредба со 21 друга професионална категорија која беше проучена.


Социјални работници – поголема веројатност да имаат генетски особини на депресија.

Земјоделци, рибари дрвосечачи – имаат поголема веројатност да имаат АДХД.

Чистачи, готвачи, келнери, фабрички работници, градежни работници, полицајци, возачи на автобуси и камиони, фризери – нарушување на вниманието и хиперактивност.

Целта на авторите, кои ги објавија своите наоди во списанието „Nature Human Behaviour“, беше да откријат дали генетските варијации кои го зголемуваат ризикот од нарушување можат да претставуваат одредени предности во некои кариери.

Истражувачите откриле и дека оние со одредени генетски предиспозиции имаат помала веројатност да се занимаваат со одредени професии.


Доказите за ова беа особено силни за луѓето со генетска предиспозиција за АДХД кои имаа помала веројатност да завршат како архитекти или да работат во техниката, бизнисот, образованието, правото или здравството.

Водечкиот автор на студијата, Георгиос Волудакис, лекар специјализиран за психијатрија на Медицинскиот факултет во Њујорк, рече дека ова не е нужно знак дека луѓето свесно ја избегнувале оваа кариера, туку дека луѓето со генетска предиспозиција за АДХД можеби се измачиле во текот на образованието.

„Ова имплицира дека системските предрасуди во образованието можат несразмерно да влијаат на лицата со поголема генетска предиспозиција за АДХД, дури иако тие никогаш не ја добијат вистинска дијагноза“, рече тој, пренесе Дејли мејл.

Не може да се предвиди професијата врз основа на генетика

Волудакис додаде дека овие наоди не значат дека може да се предвиди нечија професија врз основа на неговата генетика.

Истражувачите планираат да го продолжат своето истражување и да испитаат други карактеристики кои можат да се објаснат со овие генетски особини.


Генетската предиспозиција за состојби на ментално здравје како што се депресија, АДХД или аутизам, за кои истражувањата сугерираат дека можат да се појават во семејствата, не гарантира дека лицето ќе ги добие во текот на својот живот.

Додека некои состојби со генетска врска, како што е аутизмот, се присутни од раѓање, други, како што е тешката депресија, се смета дека се појавуваат само преку комбинација на предизвикувачи како што се животните настани.

Студијата опфати вкупно 421.899 луѓе кои потекнуваат од група луѓе кои учествувале во долгорочни американски и британски студии.