Секој ден, многу жени ширум светот ја губат битката со ракот на грлото на матката, кој најчесто е предизвикан од долготрајна инфекција со високоризични типови на хуман папилома вирус (HPV).
Ракот на грлото на матката е малигно заболување кое се развива во делот на матката сместен во вагината.
Симптомите што може да укажуваат на ова заболување вклучуваат розеникав исцедок од вагината, крварење при сексуални односи, тапи болки во долниот дел од стомакот, како и проблеми со мокрењето и празнењето на цревата.
Лекувањето на ракот на грлото на матката зависи од фазата на болеста и може да вклучува помали или поголеми хируршки зафати, а во напредните фази се применуваат хемотерапија, зрачење или имунотерапија.
Најдобрата превенција е вакцинирањето против HPV, особено кај млади луѓе кои сè уште не стапиле во сексуални односи. Дополнителни мерки за превенција се редовните гинеколошки прегледи, кои вклучуваат ПАП-тест за откривање абнормални клетки и колпоскопија за подетални анализи, како и навремено отстранување на сите промени што би можеле да преминат во карцином.
Иницијатива за вклучување на HPV вакцината во задолжителниот календар за имунизација
На 22 јануари ќе биде претставена иницијатива за изедначување на статусот на HPV вакцината со другите вакцини во задолжителниот календар за имунизација. Според податоците на надлежните институции, HPV вакцината спречува повеќе од 90% од случаите на рак на грлото на матката.
Ракот на грлото на матката е излечив ако се открие навреме
Редовните прегледи помагаат да се откријат промените на грлото на матката пред да преминат во рак, овозможувајќи едноставно лекување. Жените на возраст од 25 до 65 години треба да прават скрининг на секои три години, по два негативни теста со шестмесечен интервал. По 65-тата година, скринингот може да се прекине доколку претходните резултати биле уредни.
Европска недела на превенција на рак на грлото на матката
Од 20 до 26 јануари се одбележува Европската недела на превенција на рак на грлото на матката, со цел подигнување на свеста и информирање за начини на превенција. Основната порака е дека ракот на грлото на матката е спречлива болест.