Старбакс ќе ги укине правилата за своите северноамерикански кафулиња кои им дозволуваа на луѓето да ги користат нивните објекти дури иако не купиле ништо, пишува Би-би-си. Новите правила, кои ќе стапат на сила на 27 јануари, претставуваат пресврт во политиката воведена пред шест години, која им дозволуваше на луѓето да престојуваат во кафулињата на Старбакс како и да ги користат нивните тоалети без да имаат обврска да купат нешто.
Овој потег е дел од новиот план кој го објави новиот шеф на компанијата со цел да се обиде да го реши проблемот со слабата продажба. Се додава дека новиот кодекс на однесување вклучува и забрана за пушење и внесување на сопствен алкохол. „Овој чекор ќе им овозможи на нашите клиенти да седат и да уживаат во нашите кафулиња. Промените се дел од поширокиот сет на промени кои ги воведуваме за да го подобриме искуството во кафулињата“, изјави портпаролот на Старбакс за „BBC News“.
Старбакс се обидува да ја подобри слабата продажба
Компанијата соопшти дека новите правила ќе бидат јасно истакнати во сите објекти, а персоналот ќе има овластување да побара од секој кој го прекршува кодексот на однесување да го напушти кафулето. Ова ја вклучува и можноста вработените да повикаат полиција доколку е тоа потребно.
Другите промени, кои ќе ги воведат подоцна овој месец, вклучуваат понуда на едно бесплатно точење кафе или ладно кафе за клиентите кои купуваат пијалак за консумација во самото кафуле. Старбакс се обидува да ја подобри слабата продажба додека се соочува со негативни реакции поради зголемувањето на цените.
Брајан Никол, кој претходно го водеше мексиканскиот синџир на ресторани Чипотл, беше донесен во Старбакс минатата година за да помогне во пресвртот на бизнисот. Никол се обидува да го подобри искуството на клиентите во кафулињата на Старбакс преку обновување на менито и преуредувањето на просторот.