Магдалена Чадиноска Кузманоски: „На жените им требаат системи кои им веруваат и ги поддржуваат, без стигма и осудување“

Точка

30/12/2024

11:47

1.683

Големина на фонт

а а а

Во патешествието од жртва до победа, добро оформен систем за поддршка може да биде разликата помеѓу преживувањето и напредувањето. Магдалена Чадиноска Кузманоски е активистка за социјална правда и социјална менторка која изминативе пет години работи со жени кои преживеале насилство за нивно економско зајакнување и нивна реинтеграција на пазарот на трудот.

Во ова интервју, Магдалена фрла светлина врз трансформативното влијание на персонализираните стратегии за поддршка на лицата кои преживеале насилство, преку приказната на Марија, како таа го има обновено својот живот. Програмата за социјално менторство, пилотирана и имплементирана во Северна Македонија од страна на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој – Паблик, со поддршка на проектот финансиран од UN Women „Иницијативи за социјално менторство за да се понудат можности за економска реинтеграција за жени кои преживеале насилство и други ранливи жени (2-ор циклус)“ е дизајнирана да одговори уникатните потреби на преживеаните. Ваквите програми не само што им помагаат на жените да ги напуштат насилните ситуации, туку и ги оснажуваат засекогаш да го прекинат циклусот на насилство, обезбедувајќи долгорочна независност и закрепнување.

Можете ли да ни кажете малку за себе и за вашето застапување за родова еднаквост?

Се сметам за родена активистка, водена од страста за социјална правда која се протега и пошироко од женските прашања. Преку програмата за социјално менторство, им помагам на жените и мажите да најдат сила во себе да ја продолжат борбата во потрагата по вработување и да си го подобрат животот.

Социјалното менторство ги зајакнува жените преку обезбедување персонализирана поддршка за постигнување стабилно вработување и финансиска независност, вклучително и градење вештини, приспособено планирање и помош за вработување. Ментор(к)ите тесно соработуваат со жените и работодавачите, нудејќи им постојани насоки за да се обезбеди одржливо вработување, напредување во кариерата и подобрен квалитет на живот.

Иако сум образована во Северна Македонија, бев инспирирана од моите искуства во странство каде посведочив како системите кои добро функционираат се справуваат со родово базираното насилство. Оваа изложеност ме мотивираше да се залагам за слични решенија во мојата земја.

Во последниве години, мојот фокус е на економско зајакнување на жените кои преживеале семејно насилство. Ова искуство донесе незаборавни приказни за издржливост и трансформација - приказни што ќе ги носам со себе цел живот.


Каков беше вашиот прв впечаток кога ја запознавте Марија и кои беа клучните предизвици што ги идентификувавте?

Во еден мал подрумски стан во Скопје, Марија водеше живот на тивка борба – жена која преживеала семејно насилство, самохрана мајка на тинејџер и дете со аутизам и негувателка за својата болна мајка. Нејзините денови беа исполнети со грижа, а ноќите со страв. Сепак, и покрај огромните предизвици, Марија направи повик кој и го промени животот.

„Таа влезе во мојата канцеларија со мешавина од страв, срам, надеж и длабока желба за промена“, се сеќава Магдалена. „Во нејзините очи ја видов ранливоста на една срна и срцето на една лавица“. Марија го нашла контактот на Магдалена преку група за поддршка и собрала храброст да ја побара својата слобода.

Како нејзина социјална менторка, знаев дека на Марија и треба повеќе од привремено решение. Создадовме план за поддршка фокусиран на нејзините силни страни и итни потреби додека градевме пат кон долгорочна самодоверба. Ја поврзав со општинската канцеларија за да обезбеди стабилно вработување во близина на нејзиниот дом, балансирајќи ги нејзините обврски како мајка и негувателка. Во рок од две недели, Марија ја започна својата нова работа, зголемувајќи ја нејзината самодоверба и поставувајќи ги темелите за подобра иднина.

Каква улога одиграла стручната обука во зајакнувањето на нејзината финансиска независност?

Препознавајќи ја страста на Марија за шминкање, организиравме стручна обука за да го трансформираме нејзиното хоби во секундарен извор на приход. Дополнителните заработки и помогнаа да ги покрие трошоците на универзитетот, а набрзо почна да штеди и за своето образование. Денес, Марија е во последната година на универзитет, чекорејќи сигурно кон добивање на диплома и посветла иднина.

Со какви предизвици се соочивте при наоѓањето поддршка за должностите за грижа на Марија и како ги надминавте?

Пресвртот се случи кога најмладиот син на Марија, кој е на спектарот на аутизам, тргна на училиште. Плашејќи се дека можеби ќе треба да ја напушти работата за да го издржува, општината обезбеди образовен асистент осигурувајќи нејзиниот син да следи редовна настава. Оваа поддршка ѝ овозможи на Марија да ги балансира обврските од својата работа и обврските за грижа кон својот син и својата мајка.


Можете ли да ја опишете трансформацијата која ја посведочивте кај Марија во споредба со тоа кога првпат ја запознавте?

Марија сега напредува во нејзината улога во канцеларијата за урбанизам. Нејзиното дете добива постојана образовна поддршка, а нејзината шминка ѝ обезбедува дополнителна финансиска стабилност. Што е најважно, Марија трајно го напушти својот насилник, прекинувајќи го циклусот на насилство и давајќи им позитивен пример на своите деца.

Нејзината приказна е доказ за тоа како координираната, емпатична поддршка може да ги поттикне лицата кои преживеале насилство не само да се избават од насилството, туку и да изградат исполнети, економски стабилни животи.

Што мислите, како општеството може подобро да ги поддржи жените во слични ситуации како Марија?

Мора да разбереме дека срамот лежи кај насилникот, а не кај жртвата. На жените им требаат системи кои им веруваат и ги поддржуваат, ослободени од стигма и осудување. Приказната на Марија нѐ потсетува дека, со вистинска помош, жените кои преживеале насилство можат да ги обноват своите животи и да создадат подобра иднина за себе и за своите семејства.

За жените сè уште заробени во насилни средини: заминувањето е тешко, но уште потешко е да се остане. Побарајте поддршка и знајте дека слободата и зајакнувањето се возможни.