Најшокантната песна на сите времиња: Кога ќе ја слушнат некои се шокираат, други плачат, а сите замолкнуваат и ја наведнуваат главата

Точка

27/12/2024

18:00

2.198

Големина на фонт

а а а

Во март 1939 година, 23-годишната Били Холидеј се доближила до микрофонот во њујоршкиот клуб „West 4th’s Cafe Society“ за да ја отпее својата последна песна таа вечер. На нејзино барање, келнерите престанале да служат пијалаци, светлата се изгаснале и просторијата целосно се затемнила, освен рефлекторите на нејзиното лице.

И тогаш запеала… тивко, со нејзиниот суров и емотивен глас: „Дрвјата на југ даваат чудни плодови, Крв на лисјата и крв во корените, црни тела се нишаат на јужниот ветрец, чудни плодови висат од тополите…”.

Кога песната завршила, рефлекторот се изгаснал. Кога светлата повторно се вклучиле, бината била празна. Таа заминала. На нејзино барање, таа вечер немало бис.

Вака Били Холидеј ја извела „Strange Fruit“, песна која ќе ја пее во следните 20 години, до нејзината прерана смрт на 44-годишна возраст.

„Strange Fruit“ првично била поема

Можеби Холидеј ја популаризирала „Strange fruit“ и ја претворила во уметничко дело, но песната првпат била напишана како поема од учителот од Бронкс и активист за граѓански права, Абел Миропол.

Што го инспирирало да ја напише?

Миропол наишол на фотографија од 1930 година на која се прикажувало линчување на двајца Афроамериканци во Индијана. Глетката го прогонувала со денови и го навела да ги стави своите мисли на хартија.

По објавувањето на “Strange fruit” во публикацијата на синдикатот на наставниците, Миропол, исто така, ја напишал музиката и ја испратил до сопственикот на ноќниот клуб кој потоа композицијата ѝ ја претставил на Били Холидеј.


Песната ја потсетила Били на татко ѝ

Кога Били Холидеј ги слушнала стиховите, таа била длабоко трогната – не само затоа што била Афроамериканка, туку и затоа што песната ја потсетила на нејзиниот татко, кој починал на 39-годишна возраст од белодробна болест откако бил одбиен од болница поради бојата на неговата кожа.

Поради болните спомени што ѝ ги предизвикала, Холидеј не уживала во изведувањето на „Strange Fruit“, но знаела дека тоа е песна која мора да ја пее.

„Морам да продолжам да ја пеам, не само затоа што луѓето го бараат тоа, туку затоа што 20 години по смртта на татко ми, работите што го убија сè уште се случуваат на Југот“, рекла таа за песната во нејзината автобиографија.

„Песна на векот“


Додека активистите за граѓански права ја прифатиле песната како своевидна химна, ноќните клубови кои првенствено биле составени од бели посетители, имале различни реакции. Се случувало дел од публиката да аплаудира додека не ја заболат рацете, а дел револтирано да си замине.

Радиостаниците, како во Америка, така и во другите делови на светот, одбиле да ја емитуваат песната, а издавачката куќа со која работела Били Холидеј, „Колумбија рекордс“, не сакала да ја сними.

Песната, сепак, продолжила да живее, оставајќи длабока трага во американското општество. Со текот на годините, многу музичари ја преработувале. Верзијата на Нина Симон од 1965 година беше хит, а делови од песната користеше и Канје Вест во неговата песна „Blood on the lees“ од 2013 година.


Во 1999 година, Тајм ја прогласи „Strange Fruit“ за „песна на векот“. Во 2002 година, таа беше вклучена во Националниот регистар на значајни публикации на Конгресната библиотека на САД.