Европската држава во која најмалку се работи, најопуштено се живее, а најдобро се заработува

Точка

27/12/2024

17:31

2.800

Големина на фонт

а а а

Рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот е многу важна во денешниот свет, а Данска е подобра во тоа од која било друга земја.

Посветеноста на Данците кон негувањето рамнотежа помеѓу работата и животот е очигледна во нивната единствена работна култура и акцентот врз животот надвор од работата. Неколку области ја отсликуваат оваа нивна посветеност, меѓу кои чистотата на животната средина, учеството во граѓанскиот живот, образованието, вработувањето, приходите, здравјето, безбедноста и социјалните односи.


Минималната плата во оваа земја е околу 2.300 евра, просечната плата е околу 5.300. Што се однесува до годишниот одмор, Данците имаат минимум пет недели, а просечниот работен ден е шест часа.

Флексибилно работно време

Вработените во Данска имаат голема слобода во одлучувањето како и кога ќе ги завршат работните задачи, додека работното време е флексибилно во повеќето случаи, а некои дури и имаат можност да работат од дома. Посебна карактеристика на данскиот работен ден е фиксното време за паузите за ручек, при што вработените се охрабруваат да прават паузи и да комуницираат со своите колеги.

Данска, исто така, им нуди на сите работници најмалку пет недели платен одмор. Спротивно на претпоставката дека работењето помалку часови може да доведе до помала продуктивност, истражувањето на Организацијата за економска соработка и развој (OECD) покажува дека прекумерно долгото работно време може да ја намали продуктивноста.


Данскиот извештај за подобар живот на OECD открива дека само 1% од вработените редовно работат долги часови, што е значително помалку од просекот на OECD од 10%. Наместо тоа, Данците посветуваат приближно две третини од својот ден (16 часа) на слободното време – јадење, спиење и уживање во различни активности. Мрежите за социјална поддршка се исто така многу важни во Данска, а многумина изјавија дека имаат пријатели или роднини на кои можат да се потпрат во случај на неволја, пренесува „Travelnoire.com“.

„Парите не се толку важни“

Данците исто така се многу вклучени во политиката и имаат висока излезност на изборите. Тие се исто така добро образовани. Повеќето возрасни лица над 25 години имаат завршено средно образование, што е повисоко од просекот на OECD.

Во сето ова, Данска има висока стапка на задоволство од животот, што е одраз на нивните принципи за рамнотежа помеѓу работата и животот. Според професорот Кристијан Бјорнско од бизнис школата Архус, Данците имаат и уникатен однос кон парите.


„Овде парите не се толку важни во општествениот живот како, на пример, во Британија и Америка. Веројатно ги трошиме парите поинаку. Ние не купуваме големи куќи или големи автомобили, сакаме да ги трошиме нашите пари за дружење со други“, рече професорот Кристијан Бјорнско за Светскиот економски форум.

Овој став е поддржан од фактот дека работните места и приходите се пониско рангирани на приоритетните листи на Данците отколку здравјето, образованието, животната средина и рамнотежата помеѓу работата и животот.

Иако Данците плаќаат високи даноци, се чини дека не им пречи бидејќи овие даноци придонесуваат за социјалната политика на земјата. Оваа „држава на благосостојба“ обезбедува различни поволности и услуги, со што им го олеснува животот на своите граѓани.

100 процентна платата за време на боледување

Земјата има имплементирано неколку стратегии за поддршка на рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот. Еден од нив е „Flexjobs“, шема лансирана во 1998 година која им овозможува на работниците да бараат различно работно време, модели на работа или физички помалку напорни задачи.


Исто така Данска нуди 26 недели платено породилно отсуство, а ова дополнително ја нагласува посветеноста на земјата за поддршка на луѓето над профитот. На работниците мора да им се исплаќа и 100% од платата во случај на боледување, за да бидат финансиски обезбедени кога не се чувствуваат добро.

Сепак, и Данска се соочува со неколку предизвици. Потрошувачката на фармацевтски производи во земјата, вклучувајќи ги антидепресивите, е повисока од просекот на OECD. Јазот меѓу богатите и сиромашните е исто така голем, а на Данска и требаат повеќе квалификувани работници за да го поддржат нејзиниот економски раст.