Бритни Спирс несомнено го имаше најдобриот Божик досега. Имено, пејачката го помина овој голем празник со својот 18-годишен син Џејден Џејмс, и во оваа пригода се пофали со нивните заеднички моменти на Инстаграм.
„Најдобриот Божик во мојот живот. Не сум го видела моето момче две години. Солзи радосници и буквално шок. Останав без зборови. Ти благодарам Исусе”, напишала Бритни во описот на видеото.
„Ова е моето бебе“, рече пејачката на почетокот на видеото, а потоа го бакна во образ. Потоа покажа кадри пред елката и на нејзините следбеници заедно им го честитаа Божик.
Да потсетиме, покрај Џејден, Бритни го има и синот Шон Престон (19), кој во бракот ги доби со поранешниот сопруг Кевин Федерлајн, од кого во 2006 година поднесе барање за развод по три години брак. Врската помеѓу Бритни и нејзините синови, кои често ги опишуваше како нејзина најголема среќа и гордост, помина низ различни фази, но во последните години тие значително се оддалечија.
На Федерлајн му беше доделено целосно старателство во 2007 година по јавниот ментален слом на Бритни. Откако судот ја стави Бритни под старателство на нејзиниот татко Џејми, беше постигнат договор за заедничко старателство. Меѓутоа, во 2019 година судот повторно ја смени одлуката, па Федерлајн доби 70 проценти старателство врз десата. Тогаш Џејден и Шон Престон престанаа да преспиваат кај нивната мајка, а посетите под надзор станаа поретки додека не престанаа целосно. Дури и откако Бритни конечно беше ослободена од старателството на нејзиниот татко во 2021 година, ситуацијата со децата не се промени.
Нејзината слобода не го подобри нејзиниот однос со синовите. Тие не беа на нејзината свадба со Сем Асгари, а одењето на Хаваи, каде што се надеваа дека ќе живеат далеку од очите на јавноста, ја отежна комуникацијата уште повеќе. Во едно од ретките интервјуа Џејден изјавил дека се надева дека и покрај сите проблеми и предизвици ќе ја обнови врската со мајка си, иако е свесен дека „драмата што ја следи никогаш нема да заврши“.