Кејт Мидлтон полека се враќа на кралските обврски по тешката дијагноза и превентивната хемотерапија.
Доказ за тоа е емотивниот говор кој таа го одржа на Бадник на традиционалниот божиќен концерт. Таа ги покани луѓето да забават и да размислуваат за подлабоките работи што ги поврзуваат и да се свртат кон љубовта.
„Божиќ е еден од моите омилени периоди во годината. Тоа е време за подароци, светла и колачиња, но исто така е време да забавиме и да размислиме за подлабоките работи што не поврзуваат сите нас“, го започнала својот говор, пренесува "Daily Mail".
„Сега треба да паузираме и да се повлечеме од притисокот на секојдневниот живот за да најдеме простор да ги живееме нашите животи со отворено срце, со љубов, добрина и простување, што всушност е божиќниот дух“, додаде таа.
„Божиќната приказна нè охрабрува да размислуваме за искуството и чувствата на другите. Таа, исто така ги одразува нашите сопствени ранливости и нè потсетува на важноста да даваме и примаме емпатија и колку многу сме потребни еден на друг и покрај нашите разлики. Пред сè, не охрабрува да се свртиме кон љубовта, а не кон стравот“, рече Кејт.
„Љубовта што си ја покажуваме себеси и љубовта што ја покажуваме на другите. Љубов што слуша со емпатија, љубов што е љубезна и со разбирање, љубов што простува и љубов што носи радост и надеж. Љубовта е најголемиот подарок што можеме да го добиеме, не само на Божиќ но секој ден во животот“, заклучи таа.
За потсетување, Кејт беше подложена на голема операција на стомакот, по што лекарите ја објавија веста дека откриле рак и ја советуваа да оди на превентивна хемотерапија. Во септември таа објави дека го завршила лекувањето, но дека нејзиниот пат до целосно закрепнување ќе биде долг.
Неодамна, враќајќи се на своите службени должности, таа и принцот Вилијам се сретнаа и се поздравија со емирот на Катар Шеик Тамим бин Хамад Ал Тани и со првата од неговите три сопруги Шеиха Џавахер во Лондон.