Мицкоски: Граѓаните да се чувствуваат безбедни, Владата обезбедува сигурна европска држава со подобра економија и повисоки плати

Макфакс

26/12/2024

13:37

369

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека граѓаните треба да се чувствуваат мирни и безбедни, безбедносната состојба е стабилна, а Владата носи подобра економија, повисоки плати и го враќа достоинството кое изминатата влада од СДСМ и ДУИ го распродаваше.

„Додека Мисовски размислуваше дека Талат Џафери за него е идол и инспиративен спикер на Собранието, изнесе навреди и квалификации. Чувствувајте се безбедно, се надевам после овие години минати во Парламент, минати на грбот на граѓаните ќе имате богата новогодишна и божиќна трпеза и ќе уживате во мирот и безбедноста што оваа влада предводена од коалицијата „Твоја Македонија“ и ВМРО-ДПМНЕ во која составен дел се коалицијата ВРЕДИ и ЗНАМ овие денови ќе ви бидат безбедни и мирни, не треба да се грижите и за годините кои следат“, изјави Мицкоски одговарајќи на прашање од пратеникот Горан Мисовски поврзано за безбедносната состојба.

Мицкоски му порача на Мисовски да ги повика на одговорност сите оние кои му биле идоли и коалициони партнери да се вратат и да дадат одговор пред органите, поради криминалот за кој постојат основани сомневања дека го правеле.

„Во оваа мирна и безбедна Македонија ќе можете да се почувствувате и вие горди кога овие 3% раст од економијата во третиот квартал, сега во четвртиот ќе бидат 4%. Буџетскиот дефицит ќе биде помал од 4% што ќе се намали за прв пат после долги години јавниот долг. Ќе ги гледате среќните лица на пензионерите коишто ќе добијат покачување од 5.000 денари, ќе ги видите радосните лица на вработените во јавната администрација кои за прв пат ќе имаат К15, средства кои за жал вие не ги предвидовте“, изјави Мицкоски.

Додаде дека во безбедна и мирна Македонија, вработените во образование и здравство добиваат повисоки плати, и може да си дозволат повеќе од тоа што можеа да си дозволат изминативе 7 години кога влада беше СДСМ и ДУИ, а исто така сега со новата влада има рекордни откупни цени за земјоделците.

„Ќе гледате како министрите од оваа влада која обезбедува безбедна и сигурна европска Македонија се борат да го вратат достоинството кое вие го распродадовте изминативе седум години. Разбирам дека ова вас не ви значи ништо. Ние ќе се бориме да го повратиме тоа кое го распродадовте и секоја година по малку ќе дојдеме до тоа што му е потребно на македонскиот граѓанин“.