Автобус во Норвешка излетал од патот во езеро, три лица загинале

Макфакс

26/12/2024

19:40

597

Големина на фонт

а а а

Најмалку три лица загинаа во сообраќајна несреќа во Норвешка, јавуваат државните медиуми. Несреќата се случила околу 13 часот и 30 минути по локално време во областа Хадсел на северозападниот брег на земјата.

Автобусот излетал од патот и делумно завршил во езерото Асватнет, јавува јавната телевизија НРК.

Се претпоставува дека во моментот на несреќата во него имало 58 лица.


„Добро е што има ресурси за итни служби на лице место. Автобусот е делумно под вода. Досега се пријавени три смртни случаи, четири лица се тешко повредени. Во несреќата учествуваа вкупно 58 лица“, вели началникот на кабинетот во полициската област Нордланд, Бент Аре Ајлертсен.

Три лица се пренесени со хеликоптер во болницата Стокмаркнес. Некои од патниците се евакуирани во училиште во близина на Сволвер. Имаше потешкотии при доаѓањето на хеликоптерот до местото на несреќата поради временските услови.


Досега во автобусот се пријавени осум различни националности. Список на патници нема, тоа е редовна линија од Нарвик до Лофотен. По несреќата се огласил алармот за катастрофа.

Норвешкиот Црвен крст објави на социјалните мрежи дека испраќа тимови да помогнат во „тешката автобуска несреќа“ на патот Е10.

Има извештаи за обилни снежни врнежи и силен ветер во областа.