[ВИДЕО] Мицкоски најави робусна акција и за покачените цени: Трговците користат трикови, срамно е ова што го прават пред празниците

Макфакс

24/12/2024

13:13

1.087

Големина на фонт

а а а

Вонредни инспекции и робусна акција ќе има во следниот период против девијантното однесување на маркетите, кои на сметка на новогодишната кошничка со намалени цени ги зголемија цените на маслото, лебот, млекото, млечните производи, шеќерот, јајцата… Премиерот Христијан Мицкоски, денес, на седница на Владата најави дека ќе бара од Министерството за економија и труд и од Државниот пазарен инспекторат да се преземат конкретни мерки за да се спречат триковите за зголемување на цените што ги користат трговците оти и тој добил информации дека некои од маркетите шпекулираат и се служат со трикови.

„Оние што мислат дека ќе прават трикови се лажат. Не може тоа што ним им беше дадено како право и можност за едни производи сега да го дополнуваат со драматично зголемување на некои други производи што ги користат граѓаните, како што е маслото, лебот, млекото, млечните производи, шеќерот, солта, јајцата и слично. Трикови не може, тоа оваа Влада нема да го толерира и жестоко има да се справиме со сите што мислат дека нè надмудриле“, рече премиерот Мицкоски.

Само неколку дена откога почнаа да важат ограничени и пониски цени на над 1.000 производи, во многу маркети се појавија повисоки цени на производите што се не новогодишната кошничка, која ќе важи еден месец, односно до 15 јануари.

„Апелирам до големите трговски синџири да си го преиспитаат однесувањето и ќе побарам од Пазарниот инспекторат детаљна анализа како изминативе 30 дена е покачена цената на овие производи. Срамота е ова што го прават пред празниците. Сакавме да покажеме добра волја, сакавме да се договориме, видете како враќаат. Ова не е коректно и јас денеска од страна на Владата, од министерот за економија и труд, под чии ингеренции спаѓа Пазарниот инспекторат, ќе побарам вонредна инспекција, робусна акција и ова девијантно однесување со трикови да престане“, најави премиерот Мицкоски, кој робусна акција најави и во судството.

Тој не сакаше да зборува дали ќе следуваат казни за маркетите што имаат драстично зголемени цени и порача дека првин треба инспекциите да излезат на терен за да се одлучи што ќе се преземе понатаму.

Опозицијата уште минатата недела предупреди дека зејтинот е поскап отколку што беше во октомври, а вчера на списокот со производи со зголемени цени ги додадоа јајцата, кашкавалот и јогуртот и обвинија за измама со новогодишната кошничка.