Создавањето добар однос со децата не е секогаш лесна задача, но е важно за нивниот емоционален развој и благосостојба. Понекогаш во тешки ситуации потребна е помош и од стручно лице, но пред воопшто да почнете да го решавате проблемот, треба да знаете кои се најчестите показатели дека детето не може така лесно да се поврзе со вас.
Експертите за родителство за „The Times of India“ ги открија деветте најчести индикатори на кои родителите треба да обрнат внимание и навреме да реагираат за да ја подобрат врската со детето.
Кога детето често ги игнорира советите или упатствата на родителите, тоа може да биде еден од знаците дека не ве сфаќаат сериозно или не чувствуваат дека сте личност која за нив има авторитет. На пример, доколку побарате да ја исчистат својата соба, а тие наместо тоа ќе продолжат да прават нешто друго, тоа може да биде јасен показател дека нешто треба да се промени во врската.
Како што пишува „The Times of India“, доколку децата ги гледаат своите родители како личности со кои можат да се скараат за што било, тоа може значително да влијае на влошувањето на врската. Еден таков пример се бурните и речиси одбранбени реакции на децата дури и на најобични прашања, велејќи ви дека сакате да им забраните сè.
Кога децата редовно избегнуваат да поминуваат време со родителите, тоа е вистински знак на тревога и потреба од промена. Ако често остануваат во својата соба или само сакаат да се дружат со пријателите наместо да учествуваат во семејните активности, тоа сугерира дека можеби не се чувствуваат удобно или поврзано со своите родители.
Доколку емоционалните потреби на детето останат незадоволени, тоа може да се изолира од родителите, велат експертите за „The Times of India“. Во ситуации кога децата се вознемирени поради некои свои проблеми, а родителите не им придаваат доволно значење на нивните чувства, тие би можеле да се чувствуваат како да ја немаат потребната поддршка и во иднина да споделуваат помалку работи за нивниот живот со родителите.
Незаинтересираноста за семејните активности и функции може да значи емоционална дистанца на децата од нивните родители и остатокот од семејството. Ако децата постојано одбиваат да одат на семејни излети или прослави, тоа може да ја одразува нивната борба да се поврзат со членовите на семејството и да се чувствуваат вклучени.
Честите караници се уште еден показател за проблеми во поврзувањето на децата и родителите. Ако поголемиот дел од разговорите се претворат во расправии и караници за работи како извршување на домашните работи, времето кога можат да го поминуваат надвор од домот итн., тоа е знак дека децата имаат проблем со поврзувањето со родителите бидејќи сметаат дека нивните родители не ги разбираат.
Доколку децата многу внимаваат на својата приватност и не споделуваат лични искуства со своите родители, експертите веруваат дека тоа може да укажува на проблеми со поврзаноста. На пример, ако избегнуваат да зборуваат за пријателствата или училишните настани, тоа сугерира дека можеби не им е удобно да им се доверат на своите родители.
Ситуациите при кои децата често се саркастични кога родителите покажуваат грижа за нив или сакаат да бидат вклучени во нивните животи можат да бидат показател за проблеми во односот. Коментарите од типот „Дали воопшто се грижиш?“ за време на разговорите со родителите, укажуваат на фрустрација и чувство дека се погрешно разбрани или запоставени во врската.
Кога децата ги споредуваат своите родители со другите на негативен начин, тоа може да создаде напнатост во односот. Ако децата кажуваат работи како: „Другите родители им дозволуваат на своите деца да го прават тоа, а ти мене никогаш не ми го дозволувате тоа“, го откриваат незадоволство на децата и може да значи дека тие не се чувствуваат разбрани или ценети.