Ексклузивно интервју со г. Габриел Гуалано де Годој: Сите да се вклучиме во борбата против насилството и неправдата

Точка

11/12/2024

12:03

3.929

Големина на фонт

а а а

За кампањата 16 дена активизам против родово-базираното насилство која завршува денеска, поврзаноста на ова насилството со конфликтите и војните во светот, како и околу работата на УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци и нејзиното 30-годишно постоење во државава, зборувавме со Претставникот на УНХЦР, Габриел Гуалано де Годој.

Можете ли да ни кажете зошто ја водите кампањата 16 дена активизам против родово-базирано насилство?

- Кампањата 16 дена активизам против родово-базираното насилство се спроведува секоја година од 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, до 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права. Овие датуми ја потенцираат нераскинливата врска помеѓу насилството врз жените и човековите права, потцртувајќи дека родово-базираното насилство е кршење на човековите права.

Под силниот слоган #НемаОправдување: Преземете акција за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата, кампањата го повикува секој член на општеството да придонесе кон превенцијата на родово-базираното насилство, да го осигура спроведувањето на законите и да ги поддржи со емпатија, а не со осуда, сите кои го преживеале насилството.

Преку разновидни настани во живо, перформанси, собири, медиумски појавувања и написи, заеднички испраќаме јасна порака: родово-базираното насилство е неприфатливо, а законот ја штити секоја жена од насилство.


Дали постои поврзаност помеѓу родово-базираното насилство и конфликтите или војните? Што прави УНХЦР за да ја зајакне позицијата на жените и девојчињата?

- За жал, светските извештаи покажуваат дека сексуалното насилство при конфликт се зголемило за 50% само во 2023 година.

Преку 60 милиони жени и девојчиња, кои сочинуваат околу половина од сите присилно раселени лица, се соочуваат со зголемени ризици од родово-базирано насилство за време на кризи. Вооружените конфликти често водат кон рушење на владеењето на правото, со што се создава средина во која родово-базираното насилство, вклучувајќи сексуално насилство, принудни бракови и насилство од интимен партнер, станува позастапено со оглед на тоа што има неказнивост за насилниците.

Различните форми на дискриминација и ранливоста дополнително ги зголемуваат ризиците за присилно раселените жени и девојчиња, како и тие кои се без државјанство. Тие ги вклучуваат пречките за вистинско учество, немањето пристап до образование, рестриктивните општествени норми, системските нееднаквости, длабоко вкоренетите патријархални ставови и практики, недостатокот на економска автономија и зголемените здравствени ризици.

За да ги намали овие ризици, УНХЦР соработува со партнерите за да ја зајакне позицијата на жените и девојчињата, обезбедувајќи им пристап до образование, вработување и можности за обука, како и осигурувајќи нивниот глас вистински да се слуша. Дополнително, УНХЦР ги вклучува мажите и момчињата како двигатели на промени во своите заедници, промовирајќи родова еднаквост и ненасилни норми.

Овде, во Северна Македонија, спроведуваме проект во партнерство со невладината организација Заеднички дом за мајки и деца од Украина, со поддршка од американската влада и американскиот народ. Овој проект во моментов обезбедува стручна обука за присилно раселени жени од Украина, со акцент на поддршка на сами мајки, со цел да им се зголемат нивните можности за вработување. По завршување на овие сеопфатни курсеви, жените ќе бидат подготвени да започнат сопствени бизниси или да обезбедат вработување.


Годинава, УНХЦР одбележува важен јубилеј. Можете ли да ни дадете повеќе информации во врска со тоа што одбележувате и како ќе го сторите тоа?

- Во 2024 година, ја славиме 30-годишнината и на отворањето на Претставништвото на УНХЦР во државата, како и на ратификацијата на Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година. Овој важен јубилеј ни дава можност да ги прославиме нашите постигнувања и силни партнерства, како и да размислиме и да ги споделиме заедничките погледи за одржлива и инклузивна иднина што не изостава никого.

За да одбележиме три децении соработка, Република Северна Македонија и УНХЦР заеднички организираат свечен настан на 12 декември. Овој настан ќе ја потенцира силната соработка и партнерство кои досега беа клучни за спасување животи и поддржување на ранливите раселени лица. Тој исто така ќе ја покаже заложбата на државата за заштитата на бегалци и превенцијата на бездржавјанството.

Освен заштита на бегалците, УНХЦР исто така има мандат да им помогне на државите да го искоренат и спречат бездржавјанството. Знаеме дека има огромен напредок на тоа поле. Како се случи напредокот и каде сме сега во врска со ова прашање?

- Силната алијанса и соработка помеѓу УНХЦР и сите државни и други чинители (и од државата и од меѓународната заедница) го поплочија патот Северна Македонија да стане шампион во намалување на бездржавјанството. Сегашниот број во моментов вклучува 155 познати случаи. Многу успешниот процес, под водство на Собранието, резултираше со решавање со државјанство за 99% од случаите од поранешната Југославија, а 82% од случаите кои немаа извод од матичната книга на родените беа впишани во неа.

Нашиот Висок комесар, Филипо Гранди, во својата изјава за годинешниот Извршен комитет на УНХЦР, изјави: „Дозволете ми многу топло да ја пофалам Северна Македонија за нејзините навистина неверојатни напори за намалување и елиминирање на бездржавјанството за кои се известува - еден од најсилните напори во Европа и всушност насекаде во светот.“ Ова е многу важно признание во годината кога меѓународната заедница ја одбележа 70-тата годишнина од Конвенцијата од 1954 година за статусот на лицата без државјанство, на која Северна Македонија е потписничка.

Кои се следните чекори во процесот на ставање крај на безздржавјанството во државата и во светот?

- УНХЦР ќе продолжи да соработува со Владата за да спречи нови случаи на бездржавјанство во државата. Тоа вклучува воспоставување на постапка за одредување на бездржавјански статус, кој е клучен за спречување бездржавјанство и заокружување на нормативната рамка за спречување и решавање на појавата.

Дополнително, одлуката на Владата да се приклучи кон Глобалната алијанса за ставање крај на бездржавјанството ја покажува нејзината заложба да продолжи со посветените напори за искоренување и спречување на бездржавјанството. Ова партнерство исто така ѝ помага на Северна Македонија да ги сподели своите успешни искуства со светската заедница, придонесувајќи кон напорите за ставање крај на бездржавјанството во светот.

Овие напори се поврзани со целта 16.9 од Целите на Обединетите нации за одржлив развој, која се залага за универзално регистрирање на раѓањата и правен идентитет за сите луѓе.


Можете ли да ни објасните како бегалците се вклучени во македонското општество и дали може нешто да се направи за да се подобри нивната инклузија?

- Уште од независноста во 1991 година, Северна Македонија има направено значајни законски подобрувања и развиено политики да ја поддржи инклузијата на бегалците. И покрај овој напредок, на државата би ѝ користела специфична политика и законско решение фокусирани на инклузија и интеграција на барателите на азил и бегалците, во склад со стандардите за меѓународна заштита.

Неодамна беше изменет Законот за водење на матичните книги за да им се овозможи на украинските бегалци под привремена заштита да добијат лични карти, што е клучен чекор за нивната инклузија. Ја поздравуваме оваа важна иницијативата на Владата и Собранието. Следните чекори ќе бидат да се изменат Законот за социјална заштита, Законот за здравствено осигурување и Законот за вработување и работа на странци. Овие измени ќе им помогнат на бегалците под привремена заштита да имаат пристап до социоекономски права, со што ќе им се овозможи да си заработуваат приход, да плаќаат даноци и да придонесуваат кон локалната економија.

Заедно со нашите партнери од граѓанското општество, универзитетите, приватниот сектор и сестринските агенции од семејството на ОН, соработуваме со Министерството за социјална политика, демографија и млади да ја зајакне рамката за интеграција. Дополнително, во партнерство со УНДП, ја поддржуваме Владата во создавање пилот политика која ги вклучува бегалците, како дел од Националната развојна стратегија.


Во рамките на сегашното законодавство, дали бегалците можат да работат во државата и дали можете да кажете што нивната инклузија во пазарот на трудот значи за нив лично и за локалната економија и работната сила?

- Бегалците можат да работат во државата според сегашното законодавство, што е витална стратегија за да можат одново да ги изградат своите животи надвор од татковината или да се издржуваат додека не стане безбедно да се вратат дома. Во интервјуа кои ги води УНХЦР, бегалците и тука во државата, но и во светот, го идентификуваат вработувањето, заедно со обуката или продолжување на обуката, како една од нивните клучни грижи, често асоцирајќи го имањето работа со нивното поимање на интеграцијата.

Многу луѓе погрешно мислат дека бегалците имаат ниско образование и можат да бидат товар на општеството, но реалноста е поинаква. Многу бегалци носат вредни вештини и искуства, како и подготвеност да работат и да придонесуваат во нивните нови заедници. Единствено е потребно општеството да отвори можности и да го отклучи нивниот потенцијал.

Неодамнешна позитивна приказна што можам да ја споделам е приказната на жена – бегалка која заврши стручна обука да стане готвачка тука. Со помош од Црвениот крст на Град Скопје, нашиот партнер за интеграција, таа е сега вработена и обезбедува приход за себе и за своето семејство.

Гледајќи ја пошироката слика, инклузијата на бегалци има значајно позитивно влијание на локалните економии. Многу студии покажуваат дека бегалците можат да ја поттикнат економијата на државите кои се нивни домаќини. Бегалците придонесуваат кон локалните економии како потрошувачи, даночни обврзници и работодавачи. Тие исто така ги збогатуваат своите заедници-домаќини со своите вештини, ги прават компаниите поконкурентни и ја даваат многу потребната работна сила за растечка економија. Инклузијата на бегалците е навистина од полза на сите.