Земјите-членки на Советот за безбедност на ОН ќе работат на изјава за Сирија во наредните денови, изјавија вчера американски и руски дипломати, по состанокот зад затворени врати посветени на заземањето на главниот град Дамаск од бунтовниците и соборувањето на претседателот Башар ал Асад.
„Советот, мислам, беше повеќе или помалку обединет околу потребата да се зачува територијалниот интегритет и единство на Сирија, да се обезбеди заштита на цивилите и хуманитарната помош да стигне до сиромашното население“, изјави рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија за новинарите по состанокот.
Заменик американскиот амбасадор Роберт Вуд потврди дека повеќето членови зборувале за овие прашања и им рече на новинарите дека Советот ќе работи на изјава. Соединетите држави претседаваат со Советот во декември.
„Ова е неверојатен момент за сирискиот народ“, рече Вуд. „Сега навистина сме фокусирани на обидот да видиме до каде оди ситуацијата. Дали може да има владејачка власт во Сирија која ги почитува правата и достоинството на сирискиот народ?
Амбасадорот на Сирија во ОН Кусај Алдахак им изјави на новинарите надвор од Советот дека неговата мисија и сите сириски амбасади во странство добиле инструкции да продолжат да ја вршат својата работа и да ги одржуваат државните институции за време на периодот на транзиција.
„Сега чекаме нова влада, но во меѓувреме продолжуваме со сегашното раководство“, рече тој, додавајќи дека сирискиот министер за надворешни работи Басам Сабаг, кој беше назначен од Асад, се уште е во Дамаск.
„Ние сме со сирискиот народ. Ќе продолжиме да се браниме и да работиме за сирискиот народ. Затоа, ќе продолжиме со нашата работа до понатамошно известување“, изјави тој за новинарите пред Советот.
„Сиријците со нетрпение очекуваат да се воспостави држава на слобода, еднаквост, владеење на правото, демократија и ние ќе ги здружиме напорите за обнова на нашата земја, за обнова на уништеното и за обнова на иднината, подобрата иднина на Сирија“, рече тој.
И Небензија и Вуд зборуваа за тоа колку беа неочекувани настаните од викендот во Сирија.
„Сите беа изненадени, сите, вклучително и членовите на Советот. Затоа треба да почекаме, да видиме и да следиме… и да процениме како ќе се развива ситуацијата“, рече Небензија.