Сириската група за цивилна заштита позната како „Бели шлемови“ соопшти дека ги истражува извештаите на преживеаните од озлогласениот воен затвор Сајднаја, познат и како „Касапница за луѓе“, а затворениците наводно биле притворани во скриени подземни ќелии.
Во нивната објава на „Х“, групата соопшти дека испратила пет „специјализирани тимови за одговор при итни случаи“ во затворот, потпомогнати од водич запознаен со распоредот на затворот.
Сајднаја е еден од затворите кој беше ослободен откако бунтовниците ја презедоа контролата над земјата. Властите во провинцијата Дамаск соопштија дека продолжуваат со напорите за ослободување на затворениците, од кои некои „речиси се задушиле“ поради недостаток на вентилација во затворот.
Гувернерот на покраината Дамаск на социјалните мрежи апелираше до поранешните војници и затворските работници кои беа дел од режимот на Асад да ги достават шифрите на електронските подземни врати на бунтовничките сили. Бунтовничките сили велат дека не биле во можност да ги отворат вратите и да ослободат „повеќе од 100.000 затвореници кои можат да се видат на мониторите за видеонадзор“.
На видеоснимката која кружи на социјалните мрежи и некои новински куќи, вклучително и Ал Џезира, може да се види обидот на бунтовничките сили да пристап до долните делови од затворот.
На снимката може да се види човек како користи еден вид столб за да го пробие долниот ѕид, откривајќи го мрачниот простор одзади.
Други снимки го прикажуваат ослободувањето на затворениците, вклучително и мало дете кое било држано во затворот заедно со мајка му. Тој е прикажан во видеоснимката од ослободувањето на жените која ја објави Турското здружение на притвореници и исчезнати лица во затворот Сајднаја („ADMSP“).
„Тој [Асад] падна. Не плашете се“, вели гласот во видеоснимката, очигледно обидувајќи се да ги увери жените дека сега се безбедни.
Видеоснимката потврдена од АФП покажува како Сиријците брзаат да видат дали нивните роднини се меѓу ослободените од Сајднаја, каде што илјадници поддржувачи на опозицијата биле мачени и убивани по наредба на режимот на Асад.
Во текот на граѓанската војна, која започна во 2011 година, владините сили држеа стотици илјади луѓе во затворски логори, каде што групите за човекови права велат дека тортурата била вообичаена.
Во саботата, Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) соопшти дека ослободиле повеќе од 3.500 затвореници од воениот затвор во Хомс додека групата го заземала градот.
Додека групата влегуваше во главниот град неколку часа подоцна рано во неделата, ХТС го најави „крајот на ерата на тиранијата во затворот Сајднаја“, кој стана синоним за најмрачните малтретирања од ерата на Асад.
Во извештајот од 2022 година, „ADMSP“ соопшти дека Сајднаја „ефикасно станала логор на смртта“ по почетокот на граѓанската војна.
Се проценува дека повеќе од 30.000 затвореници биле егзекутирани или починале како резултат на тортура, недостаток на медицинска нега или гладување помеѓу 2011 и 2018 година. Повикувајќи се на сведочењето на неколку ослободени затвореници, најмалку уште 500 затвореници биле егзекутирани меѓу 2018 и 2021 година.
Во 2017 година, Амнести интернешнал ја опиша Сајднаја како „касапница за луѓе“, во извештајот во кој се вели дека егзекуциите биле одобрени од страна на највисоките нивоа на владата на Асад.
Во тоа време, владата ги отфрли тврдењата на Амнести како „неосновани“ и „невистинити“, инсистирајќи на тоа дека сите егзекуции во Сирија се спроведуваат според соодветна процедура.
Видеоснимката потврдена од Ројтерс покажува како бунтовниците пукаат во бравата на вратата на затворот Сајднаја, а потоа пукаат уште повеќе за да ги отворат затворените врати кои водат до ќелиите, а потоа ослободените мажи итаа низ ходникот за што побрзо да го напуштат затворот.
Друга видеоснимка, за која новинската агенција Ројтерс вели дека е снимена на улиците на Дамаск, се чини дека прикажува неодамна ослободени затвореници како трчаат по улицата.
Од сите симболи на репресивната природа на режимот на Асад, мрежата на затвори во кои исчезнаа оние кои изразуваа каква било форма на несогласување фрла најдолга и најтемна сенка.
Во Сајднаја, тортурата, сексуалните напади и масовните егзекуции беа судбина на илјадници. Многумина никогаш не се вратиле, а нивните семејства честопати со години не знаеле дали се живи или мртви.
Еден од оние кои го преживеале овој хорор, беше и Омар ал-Шогре, кој во неделата во изјава за Би-би-си кажа дека како тинејџер преживеал три години во овој злогласен затвор.
„Ја познавам болката, ја знам осаменоста и безнадежноста која ја чувствувате затоа што светот дозволил да страдате, и ништо не преземал. Го принудија мојот братучед кој толку многу го сакав да ме измачува, а потоа ме принудија мене да го измачувам него, а во спротивно и двајцата ќе бевме убиени“, раскажа Ал – Шогре.
Сириската мрежа за човекови права проценува дека повеќе од 130.000 луѓе биле подложени на притвор во такви услови од 2011 година, а дури и во соседен Либан, стравот од исчезнување во сириски затвор беше широко распространет во текот на многуте години додека Дамаск беше доминантна странска сила.