Фани Каранфилова-Пановска е новата заменичка-претседателка на СДСМ, следната недела ќе бидат избрани и останатите раководни тела

Макфакс

24/11/2024

18:56

694

Големина на фонт

а а а

По завршување на 30. Конгрес на СДСМ, претседателот на партијата, Венко Филипче информираше за донесените одлуки, констатирајќи дека имало одлична енергија, нова сила и ентузијазам кој бил многу видлив кај сите присутни.

На овој конгрес беше избрана новата заменик-претседателка на СДСМ тоа е Фани Каранфилова-Пановска на која Филипче и’ упати честитки. За неа рече дека е човек кој го познава долго време и знае дека таа цврсто верува и во себе ги носи социјалдемократските вредности.


„Учествувала во работата на многу граѓански организации и соработувала со други правни субјекти коишто ги делат вредностите така како што се поставени во постулатите на нашата партија“, рече Филипче.

Истовремено беа избрани и нови членови на Централниот и Надзорниот одбор. Филипче рече дека се избрани луѓе коишто се почитувани во општинските организации, имале соодветни критериуми по кои биле избрани и им посака успешна работа.


Првиот човек на СДСМ најави и дека во текот на наредната недела ќе биде комплетиран изборот и на останатите раководни органи и тела на СДСМ.

„Првиот состанок на новиот состав на Централниот одбор ќе се одржи во текот на оваа недела и тука ќе бидат избрани членовите на новиот Извршен одбор, Потпретседателите и секретарите на партијата со што во текот на оваа недела се заокружува целокупниот процес на поставување на ново партиско раководство“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.


Филипче на почетокот на Когресот имаше обраќање пришто, меѓудругото, потенцираше дека СДСМ во моментов се соочува со голем предизвик за враќање на довербата на граѓаните по катастрофалниот пораз на претходните избори. Тој сепак е уверен дека партијата ќе се издигне, а предизвиците ќе ги претворат во можности. Партискиот претседател најави нов почеток, кој го нарече пресвртница во делувањето на СДСМ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг