Франција им се придружи на Соединетите Американски Држави и Велика Британија во сигнализирањето дека на Украина ѝ е дозволено да користи оружје со долг дострел против цели на руска територија, во промената на политиката која предизвика гнев во Москва, објави германската новинска агенција ДПА.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, во интервју за Би-би-си, кажа дека украинското лансирање на оружјето кон Русија би бил чин на „самоодбрана“, и не потврди дали тоа веќе се случило.
Москва силно ја критикуваше изјавата на Баро, при што портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, изјави за државната новинска агенција ТАСС дека одобрението „не е поддршка за Украина, туку посмртно ѕвоно за Украина“.
Оваа недела, Украина, наводно, истрела крстосувачки ракети со долг дострел „ATACMS“ од американско производство и британската „Storm Shadow“ врз воени цели во Русија. Од јули 2023 година, во соработка со Велика Британија, Франција почна да испорачува ракети „Storm Shadow“ на Украина – француската ознака за идентични проектили е „Scalp“.
Само Германија не ѝ помага на Украина со оружје со долг дострел, бидејќи канцеларот Олаф Шолц категорично се противи на испраќањето крстосувачки ракети „Таурус“ во земјата разурната од војна.
Близок соработник на украинскиот претседател, Михајло Подољак, неодамнешните закани на рускиот претседател Владимир Путин за употреба на оружје со долг дострел, кое досега не било употребувано, ги толкува како израз на „апсолутен страв“. Тој за весникот „Bild am Sonntag“ рече дека Путин со своите закани се обидува да го исплаши Западот.