Три деца кои мистериозно исчезнаа пред повеќе од две години се пронајдени живи во мало пустинско гратче во близина на границата меѓу американските сојузни држави Аризона и Јута.
Децата исчезнаа во октомври 2022 година од нивниот дом во округот Бивер, во државата Јута, предизвикувајќи двегодишна потрага која конечно доби среќен крај.
Дојавата која локалната полиција ја добила на крајот на август ја предупредила за евентуалното место на живеење на децата. Полицијата тогаш верувала дека таткото на децата можеби „го организирал нивното исчезнување и последователно криење“, пренесува „Daily Mail“.
Исчезнатите деца се пронајдени во домот на нивната баба во Фредонија, Аризона, мало пустинско гратче кое се наоѓа на 8 километри од границата помеѓу Аризона и Јута.
По понатамошна истрага, полицијата на Фредонија открила дека децата биле намерно скриени од остатокот од светот, бидејќи одредени членови на семејството сакале да го скријат нивното место на престојување.
Бабата и тетката на неименуваните деца се уапсени под сомнение дека се вмешани во нивното исчезнување во 2022 година, додека нивниот татко е на слобода.
Се смета дека децата живееле со членови на конзервативната црква на Исус Христос на Светците од Подоцнежните дни, религиозно движење кое често се споредува со култ поради неговата вмешаност во разни незаконски активности, вклучувајќи детски бракови, напуштање на деца, сексуални напади и трговија со луѓе, а се познати и под името мормони.
Во соопштението за печат кое го издаде полицијата се вели дека со заеднички напори на агенциите за спроведување на законот во Аризона и Јута успеале да ги ослободат децата на 1 септември. Оттогаш децата се со мајка им.
„Полициската управа Фредонија им се заблагодарува на сите кои помогнаа. Децата од денес се безбедни и со нивната мајка, а истрагата продолжува“ се вели во соопштението.
Невообичаениот град во северна Аризона, познат како порта кон северниот раб на Големиот Кањон, има само 1.203 жители, според пописот на населението на САД.