Американско министерство бара од судот да му наложи на Google да го продаде Chrome

Макфакс

21/11/2024

07:47

359

Големина на фонт

а а а

Американското Министерство за правда и група држави поднесоа барање до федералниот суд да го принудат Google да го продаде својот прелистувач Chrome, што би можело суштински да го промени бизнисот на компанијата вредна 2 трилиони долари и да ја преобликува конкуренцијата на Интернет, пишува Њујорк Тајмс.

Барањето доаѓа по историската пресуда во август кога американскиот судија Мехта пресуди дека Google ги прекршил антимонополските закони трошејќи милијарди долари за да создаде нелегален монопол и да стане стандарден пребарувач во светот. Судијата Мехта му нареди на Министерството за правда и на државите тужители да предложат решенија за корекција на монополот.

Покрај продажбата на прелистувачот Chrome, тие побараа од судијата да му понуди на Google избор: или да го продаде Андроид, неговиот оперативен систем за паметни телефони или да спречи Google да ги направи неговите услуги задолжителни на телефоните со Android.

Доколку Google ги прекрши тие услови или ако предложените решенија не ја подобрат конкуренцијата, владата би можела да ја принуди компанијата да го продаде Андроид во иднина.

Во огромната пријава, исто така, е побарано од судијата да му забрани на Google да склучува платени договори со Apple и други за да го направи неговиот пребарувач автоматски да биде поставен како стандарден на паметните телефони и прелистувачите. Судот, исто така, треба да му наложи на Google да им дозволи на конкурентните пребарувачи да ги прикажуваат резултатите на Google и пристап до неговите податоци во следните десет години, се вели во предлогот.

Предложените мерки се најзначајните барања за решавање на доминацијата на пазарот во технолошкиот сектор откако Министерството за правда во 2000 година побара да се подели Мајкрософт. Доколку судијата Мехта ги прифати овие предлози, тие ќе го постават стандардот за низа други случаи кои ја оспоруваат доминацијата на технолошките гиганти, вклучувајќи ги Apple, Amazon и Meta.

Принудената продажба на Chrome и Android би била едно од најнеповолните решенија за Google. Chrome, кој беше претставен во 2008 година и е бесплатен за користење, е најпопуларниот веб-прелистувач во светот со околу 67 отсто удел на глобалниот пазар на прелистувачи, според Statcounter, платформа која ги следи пазарните трендови во технологијата. Пребарувачот на Google е вграден во Chrome.



Спонзорирани линкови

Маркетинг