Новиот смартфон на "Samsung" е распродаден за само 5 минути

Точка

06/11/2024

19:56

9.072

Големина на фонт

а а а

И покрај цената од повеќе од 2.000 долари, побарувачката за овој телефон е голема.

"Samsung" пред две недели на јужнокорејскиот пазар го претстави новиот модел на телефон на преклоп – "Galaxy Z Fold Special Edition" (SE), кој брзо се распродаде веднаш штом излезе во продажба. Оваа компанија во понеделникот објави дека се достапни нови количини од најновата генерација на нивниот флексибилен телефон, а за побарувачката на тој уред најдобро говори фактот што на веб-страницата на "Samsung" е распродаден за само пет минути. Исто така, овој телефон е распродаден и во понудата на јужнокорејските мобилни оператори.

"Samsung" не објави премногу детали, па не се знае точно колку телефони продале и можно е да пуштиле во продажба само ограничен број уреди. Но, со оглед на тоа што и двата пати кога овој телефон се појави на пазарот брзо се распродаде, јасно е дека побарувачката за него е голема и покрај цената која е повеќе од 2.000 долари.


А причината зошто побарувачката за овој уред е голема е јасна. Имено, станува збор за уред кој доаѓа со подобри и помоќни опции во споредба со моделот "Galaxy Z Fold 6", популарниот смартфон на "Samsung" со флексибилен екран.

Моделот "Special Edition" е потенок од "Fold 6", но и покрај тоа доаѓа со поголеми екрани – дијагоналата на надворешниот е 6,5 инчи, со сооднос од 21:9, додека дијагоналата на внатрешниот флексибилен екран е 8 инчи. Уредот се напојува со чипсет "Snapdragon 8 Gen 3", има 16 GB меморија и 512 GB простор за складирање податоци. Резолуцијата на примарната камера е 200 MP, а се работи за сензор со оптичка стабилизација на сликата, сличен на оној на моделот "Galaxy S24 Ultra", додека уредот има и ултра широка камера од 12 MP, телефото камера од 10 MP со троен оптички зум, како и селфи камера од 10 MP на главниот екран. Кога ќе се отвори екранот, се открива уште една селфи камера, но со многу поскромна резолуција од 4 MP.


Оперативниот систем е базиран на "Android 14" и треба да добие дури седум надградби на овој оперативен систем, а треба да се спомене дека доаѓа со неколку опции "Galaxy AI".

Капацитетот на батеријата е 4.400 mAh и поддржува брзо полнење од 25 W преку кабел и 15 W безжично полнење, а поддржува и реверзибилно полнење од 4,5 W, односно самиот телефон може да се користи како полнач за други уреди.


Иако флексибилните телефони сè уште не можат да се натпреваруваат со класичните мобилни уреди во однос на продажбата, нивната популарност се зголемува, а побарувачката расте од година во година. Кога квалитетот на екранот ќе биде уште поголем, а цената попристапна, побарувачката за нив би можела да се приближи до побарувачката за обични смартфони.