Кина ја започна втората фаза од конструкцијата чијашто цел е зголемување на можностите на најголемиот светски радиотелескоп со една „чинија“.
Телескопот „FAST“ е сместен во „Guizhouu“ на југозападот од Кина и е оперативен од јануари 2020 година, но во новата фаза ќе му бидат додадени уште 24 нови подвижни радиотелескопи чијшто дијаметар ќе изнесува 40 метри. Конструкцијата официјално започна на 25 септември на осмата годишнина од креирањето на „FAST“.
Експанзијата наречена „FAST Core Array“ има за цел да го искористи „тивкото“ електромагнетно окружување коешто постои во радиусот од пет километри околу телескопот, пренесува кинеската телевизија „CCTV“. Првобитно локацијата била одбрана поради оддалеченоста и природната топографија на подрачјето. Кога ќе се комбинираат во низа, овие телескопи ќе ја подобрат резолуцијата и можноста за детекција.
Планот има за цел да им овозможи на научниците да спроведуваат подлабоки истражувања во различни области, вклучувајќи гравитациски бранови, настани поврзани со црните дупки и др. Исто така, ќе придонесе и кон следењето на ситуацијата во вселената, во откривањето на мали објекти во Сончевиот систем, како и во комуникацијата и контролата на сондите во длабоката вселена и други подрачја.
„FAST“ беше конструиран во 2016 година, а стана потполно оперативен на почетокот од 2020 година. Досега има откриено повеќе од 900 пулсари, односно брзоротирачки неутронски ѕвезди. Исто така оваа огромна градба достапна е и за истражувачите, меѓународните научници и научни тимови по нивно барање, од почетокот на 2021 година.