Највисоката станбена зграда на светот ќе биде изградена во Бразил, и тоа во чест на легендарниот возач на Формула 1, Аиртон Сена. Зградата ќе биде наречена „Senna Tower“ и ќе биде сместена во градот Балнеарио – Камбориа, во сојузната држава Санта Катарина, пренесува „Ferrari press agency“.
Оваа вест минатата недела го објави семејството на Сена и градежната компанија „FG Empreendimentos“, а наводно веќе ја имаат добиено дозволата за градба од локалниот округ, во којшто ќе биде сместена зградата. Се очекува изградбата да започне кон крајот на 2025 година.
Градот Балнеарио Камборио се наоѓа во близина на Порто Алегре, на југот од Бразил.
Зградата ќе има напреден систем за намалување на вибрациите предизвикани од ветерот. Исто така, би требало да има највисок стандард на одржливост, односно енергетска ефикасност и влијание врз животната средина.
Точната висина на „Senna Tower“ сè уште не е откриена, но се претпоставува дела ќе биде повисока од 500 метри (се спомнува висината од 509 метри). Ова значи дека зградата значајно ќе ја надмине моментално највисоката станбена зграда, „Central Park Tower“, којашто е висока 472 метри и се наоѓа во Њујорк.
Градежната компанија соопшти дека „Senna Tower“ била дизајнирана од страна на внуката на Аиртон, Лалали Сена.
Зградата ќе има база којашто ќе се стеснува во класичен, правоаголен облик на кула. Ќе има 228 станови, вклучувајќи ги т.н. „висечки апартмани“ и два „мега – триплекс пентхауси“. Исто така предвидено е градење на шест приватни катови предвидени за забава како и посебен простор на кровот.
На приземјето и пониските катови на зградата, ќе има простории за забава и ресторани отворени за јавноста, како и простор посветен на Аиртон Сена, којшто детално ќе ја прикажува неговата кариера, животот и остварувањата. Највисокиот кат, едниот од двата со јавна достапност, ќе им овозможи на посетителите да ја набљудуваат околината уживајќи во спектакуларниот поглед.
Сена беше особено талентиран бразилски возач, којшто го освои Светското првенство за возачи на Формула 1 во 1988, 1990 и 1991 година, а имаше победено во 41 трка.
Тој на триесет и четиригодишна возраст, трагично загина во несреќата на патеката „Имола“ во Италија. Тогаш се возеше трката за „Големата награда“ на Сан Марино. Сена беше на лидерската позиција пред Михаел Шумахер, кога при брзина поголема од 200 км/h излета од патеката. Тоа се случи поради проблеми со летвата на воланот и управувањето со болидот. Исто така ден претходно, на истата патека, на тренинг загина и австрискиот возач Роланд Рејсенбергер.
Сена во својата кариера возеше за четири тимови – Толман, Лотус, Мекларен и Вилијамс.