Картичките за отклучување на хотелските соби полека одат во историјата: Еве што ќе ги замени

Точка

02/09/2024

17:17

8.262

Големина на фонт

а а а

Некои хотели веќе почнаа да го применуваат ова решение и за очекување е во иднина полека да биде прифатено од другите хотели и синџири на хотели, но оваа транзиција нема да биде брза.

Нашиот мобилен телефон замени бројни уреди, меѓу кои и паричници, а се чини дека во иднина можеби ќе ги замени и пластичните картички на хотелите за отклучување на собите, пренесува "Zimo".

Некои синџири на хотели веќе започнаа со преминот од пластични во дигитални опции, но не треба да очекуваме тој процес да биде брз бидејќи има бројни предизвици кои треба да се надминат, од технолошки, до навиките на самите корисници.

Сепак, јасно е во која насока оди оваа индустрија и во иднина, како што чуваме бројни картички, пропусници, билети за кино и слично во нашите паричници на "Google" и "Apple", наскоро таму ќе ги чуваме и клучевите од хотелските соби.

Традиционалните хотелски клучеви се пред својот крај, објасни за "CNBC" Ели Фукс, регионален директор на "Valor Hospitality Partners", чие портфолио ги вклучува хотелите "Hilton" и "Holliday In Express".


По регистрирањето на рецепцијата на хотелот и евентуално преземањето на мобилната апликација на синџирот хотели, сè што ќе биде потребно за да влезете во хотелската соба е да го држите мобилниот телефон блиску до терминалот.

Такво нешто е поедноставно во споредба со пластичните картички бидејќи гостите повеќе не мора да носат дополнителни картички, а и онака секогаш го имаат својот мобилен телефон со себе.

Исто така, бидејќи многумина веќе користат мобилни телефони за плаќање во продавници или на терминали за јавен превоз, овој начин на отворање на вратата од хотелот би бил природен за нив.


Погодноста на дигиталното пријавување е тоа што вашиот телефон станува клучен, објасни директорот на продажбата на хотелот "Harpeth", Кимберли Елдер.

Сепак, таа вели дека иако нивните хотели имаат можност да го користат телефонот како клуч, многумина сепак претпочитаат да користат класични пластични картички.

Експертот за безбедност Ли Кларк верува дека транзицијата кон целосно дигитални клучеви што корисниците ќе ги складираат во паметните телефони претставува значителен трошок преку инсталација на опрема, имплементација на технологија, одржување и безбедност.

Исто така, дури и кога оваа технологија ќе стане достапна, нема сите гости да почнат да ја користат веднаш и многумина сепак би можеле да ја отвораат вратата со пластични картички, што поради навика, но и поради тоа што некои не се справуваат добро со новите технологии.

Дигитални клучеви и безбедност

Интересно, истражувањето на "J.D. Power" покажа дека само 14 отсто од гостите кои ја имаат оваа опција користат дигитални клучеви, а од оние кои симнале дигитална апликација која им овозможува да користат такви клучеви, само 30 отсто ја користат оваа погодност.

Други сè уште користат пластични картички.

Тоа што е важно да се нагласи е дека оние кои користеле дигитални клучеви многу подобро го оцениле своето корисничко искуство кога станува збор за безбедноста.

Сепак, извршниот директор на "Allthenticate Chad Spensky", кој развива решенија за користење на паметни телефони како дигитални клучеви, вели дека дигиталните клучеви не им се толку важни на гостите поради нивната безбедност, туку поради нивната практичност.


Ако имате можност да изберете дали сакате да користите пластична картичка за одредена акција и потоа да ја барате соодветната картичка меѓу купот постоечки картички во вашиот паричник или само да го држите паметниот телефон до терминалот, мобилниот телефон е јасен победник, објаснува тој.

И токму тоа е насоката кон која оди овој пазар, но ќе треба многу време додека хотелите ја имплементираат оваа технологија, но и додека луѓето се навикнат на неа бидејќи, како што можеме да видиме од претходно споменатите податоци, гостите не ги менуваат своите навики.




Спонзорирани линкови

Маркетинг