„Ви посакувам да потонете во граѓанска војна“! Кремљ бесен по одлуката на американскиот Конгрес: „Резултатот ќе биде повеќе мртви Украинци“

Точка

21/04/2024

16:07

6.722

Големина на фонт

а а а

Кремљ многу бесно реагирал на веста дека Конгресот на САД сепак одобрил пакет помош за Украина и предупредил дека тоа ќе доведе до „смрт на уште повеќе Украинци“, пишува „Newsweek“.

Потсетуваме, вчера Пратеничкиот дом на американскиот Конгрес одобри повеќе од 60 милијарди долари помош за Украина по повеќемесечниот застој поради меѓусебното политичко недоразбирање на демократите и републиканците. Освен Украина, одобрени се дополнителни милијарди помош за другите сојузници на САД. Сенатот сега ќе гласа за пакетот, а потоа ќе биде пратен кај претседателот Џо Бајден на потпишување.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјавил дека таа одлука дополнително ќе ги збогати Соединетите Американски Држави, дополнително ќе ја уништи Украина и ќе резултира со смрт на уште повеќе Украинци, за што е виновен режимот во Киев. Неговата изјава ја пренеле сите поважни руски медиуми.


„Одобрувањето на воена помош од САД за Украина, Израел и Тајван ќе ја влоши глобалната криза“, рекла и портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова во објава на Телеграм.

Дмитриј Медведев, поранешен руски претседател и сегашен заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, рекол дека одобрението на новата помош за Украина е русофобно и дека значајно ќе го зголеми бројот на жртви во оваа војна.


„Сосема искрено посакувам САД што порано да потонат во нова граѓанска војна“, напишал Медведев на Телеграм.

Во Украина веќе две години беснее војна, а Киев многу зависи од поддршката на Западот за да се одбрани од многу поголемата Русија која активностите на целата своја економија ги подредила на потребите на војската.


Украинските службеници и западните експерти предупредиле дека Киев ќе продолжи да губи територии без воена помош од САД и дека земјата веројатно ќе се соочи со нова руска офанзива која би можела да започне веќе кон крајот на следнито месец. На украинските сили им снемува муниција и пресретнувачки проектили за системите за противвоздушна одбрана.

Украина долго се борела за дополнителна помош, рекол украинскиот претседател Володимир Зеленски и новиот пакет на помош го нарекол многу значаен.


„Го цениме секој знак на поддршка за нашата земја и нејзината независност, луѓето и начинот на живот кои Русија се обидува да ги закопа под урнатини“, рекол тој.

„Народот во Украина му е искрено благодарен на Конгресот во САД за позитивното гласање за пакетот за воена помош за нашата земја. Тоа е од витално значење за Украина“, рекол Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател.