Една од најубавите Италијанки на сите времиња изградила голема кариера и добила вредно признание, иако кажала „не“ на понудите да стане наследничка на Мерилин Монро и улогите кои денес се важен дел од историјата на кинематографијата.
Италија на светот му ги даде едни од најубавите актери во историјата, а листата на Италијанки кои со својата убавина и женственост влегоа во историјата на кинематографијата секогаш доминира.
Софија Лорен, Џина Лолобриџида, Клаудија Кардинале и Моника Белучи вообичаено ги заземаат првите места, а со нив рамо до рамо низ историјата биле и можеби помалку познатите имиња кои придонеле во италијанскиот филм.
Една од нив е актерката Вирна Лиса Пјералиси, попозната како Вирна Лиси, која изградила голема кариера, како на „чизмата“ така и во Холивуд.
Вирна е родена во Анкона на 8 ноември 1936 година, на италијанското крајбрежје на Јадранот каде нејзиниот татко се занимавал со мермер.
На почеток на 50-тите нејзиното семејство се преселило во Рим, а Вирна била одлична ученичка и планирала да се запише на факултет. Меѓутоа, пејачот Џакомо Рондинела, пријател на нејзиното семејство, убедил продуцент на филм којшто го снимал во моментот да ја повика Вирна на аудиција и таа добила помала улога.
Станувало збор за филмот „E Napoli Canta“ којшто го означил почетокот на кариерата на Вирна затоа што во наредните две години се појавила во двоцифрен број на филмови.
Малку е познато дека таа одбила да биде Бондова девојка, дека кажала „не“ на повикот на Роже Вадим да игра во филмот „Barbarela“, како и дека била меѓу оние кои холивудските продуценти ја сметале за потенцијалната наследничка на Мерилин Монро.
Таа вообичаено играла огнени заводнички, што не ѝ се допаѓало, па потоа почнала да прифаќа улоги од друг тип: злобни жени во проблематични врски и слични улоги во кои можела да го покаже својот талент.
Повеќе од половина од својот живот Вирна била среќно венчана, а поради сопругот за малку засекогаш ќе му кажела „збогум“ на филмот и уметноста.
Актерката во 1960 година, во првата деценија од својата кариера се венчала за Франко Преши, италијански архитект. На самиот почеток од бракот, на Пеши му било тешко да ја прифати нејзината работа, со сите нејзини предизвици и непријатности, а пред сѐ поради неговата љубомора. Затоа очекувал од неа да ја напушти глумата, што накратко таа го направила тоа.
„Мојот сопруг не беше среќен поради мојата кариера. Франко е љубоморен маж и му благодарам на Бог за тоа“, изјавила во една прилика актерката, па додала: „Откако се венчавме, се обиде да ме оттргне од работата во филмот“.
Меѓутоа, таа пауза не траела многу, па Вирна се вратила пред камерите и изградила кариера за каква што сонувала.
Со Франко останала во брак 53 години, сѐ до неговата смрт, а и самата починала само една година подоцна, после борбата против канцерот на бели дробови на 79 години.