Важноста на редовната физичка активност е постојано актуелна тема, особено кога се работи за децата, за кои е значајно да стекнат здрави животни навики во формативните години.
Во нашата земја постојат организации кои низ забава и игра им овозможуваат на децата да ги осознаат придобивките од спортувањето и да израснат во шампиони. Една таква организација е „Отворени забавни фудбалски школи Македонија“, која минатата година, во соработка со НЛБ Банка, реализираше проект за развој на младински спорт „Растеме во шампиони“. Во најава на втората сезона на „Растеме во шампиони“ која ќе се реализира годинава, разговаравме со Дарко Стојкоски и Цено Александровски, од „Отворени забавни фудбалски школи Македонија“, главните координатори на проектот.
Каков тип на организација е „Отворени забавни фудбалски школи“ и која е целта на вашиот проект? Од кога започнаа активностите на вашата организација во Македонија?
Отворени забавни фудбалски школи (Open Fun Football Schools) е хуманитарен, политички неутрален и непрофитен проект, организиран од страна на Cross Cultures Project Association, Копенхаген (CCPA). Развиени се по концептот кој потекнува од Данскиот фудбалски сојуз, чија основна идеја е „забавниот концепт“. Она што е важно е аспектот на играта и задоволството кое произлегува од играњето, а не конечниот резултат. Токму затоа, на ОФЗШ гледаме како на додаток на важната работа која ја извршуваат спортските клубови, со таа разлика што тука приоритет е играта и развојот на здравите навики, наспроти компетитивниот дух и надградувањето на вештината.
Користејќи игри со топка и разни забавни активности, Отворени забавни фудбалски школи се создадени да бидат стратешки инструмент во рамки на социјалниот аспект, кој ги обновува старите, но прекинати пријателства и спортската соработка помеѓу спортски клубови – учесници, нивните тренери, лидери и децата, во сите области на нашето делување, воедно промовирајќи толерантност, мирен соживот, социјална кохезија и соработка помеѓу различните етнички групации. Затоа и ние развивме сопствен „забавен фудбалски концепт“, каде ги имплементираме радоста и играта за да создадеме идеални услови во кои едно дете може да се опушти и да се дружи додека игра. Притоа, употребуваме мечти и фантазии кои ни ја прават играта позабавна, како на пример, ги охрабруваме децата да се стават во улогата на Роналдо, Меси или Мбапе кога ја предриблуваат картонската кутија поставена како препрека. За време на активностите се обидуваме да им ја пренесеме пораката на дечињата дека „топката е подарок“ и дека така треба да ја третираме. Тоа значи дека ние се обидуваме да вградиме елемент на соработка и комуникација во сите наши игри, каде топката е сфатена како подарок на кој треба да му се обрне посебно внимание, а кој сме им го подале на нашите другари со „почит“, за да се подобриме едни со други. На тој начин го развивме нашиот сопствен „фан - забавен фудбалски концепт“.
Активностите на Отворените Забавни Фудбалски школи во Македонија започнаа во 2000 година и успешно работиме во текот на сите претходни 25 години на територија на целата држава, како и регионално на Балканот и пошироко. Во текот на овие 25 години добивме силна поддршка од јавноста и од разни организации и компании. Препознавајќи ја вредноста на она што го работиме, минатата година за првпат, во соработка и со поддршка на НЛБ Банка, организиравме амбициозен проект „Растеме во шампиони“, кој има за цел да продолжи да се спроведува и во иднина да привлече уште повеќе деца.
Колку често организирате активности за пријавените дечиња? И за какви активности зборуваме, поконкретно?
Нашата организација организира грасрутс (grassroots) - основни, базични, спортски активности на различни локации во текот нa цела година, најинтензивно во периодот пролет-лето, кога децата се на училишен распуст и имаат повеќе слободно време за активно вклучување во вакви настани, а согласно потребите на партнерите и донаторите активностите ги реализираме во текот не цела година. Грасрутс активностите се состојат од разни рекреативни вежби подготвени за сите деца, без разлика на нивната физичка способност, пол, етничка припадност, како што се штафетни игри, игри со јажиња, хулахопи, брканици, разни игри со топка, фудбалски игри со задачи, и слични активности кои им помагаат на децата да развијат здрави навики.
Зошто е важно децата да го прифатат спортот како хоби уште од мали нозе?
Психофизичката активност е најважна за развојот на децата пред се поради применување на здрави животни навики кои ќе ги стекнат сега, а ќе можат да останат со нив до крајот на животот. Што порано децата сфатат дека здравјето е од приоритетна важност и дека е во нивна контрола, толку порано ќе разберат зошто и како да го негуваат правилно. Освен тоа, спортот им овозможува на децата совршена платформа за стекнување нови пријателства, дружење и учење на нови вештини, почитување на фер плејот и на другите спортисти, но и им дава шанса да учат како да носат правилни одлуки, како да постигнуваат и да се справуваат со малите успеси. Ако сите овие работи ги претставиме на забавен и интерактивен начин, полето на игра ќе биде преплавено со детски насмевки, а нашата мисија ќе ја прогласиме за успешна.
За да се реализираат овие забавни активности, потребна е поддршка од сите засегнати страни: локалните заедници, институциите, родителите, децата, но и од организации кои се залагаат за поттикнување на позитивни вредности во заедницата. Сметате ли дека проектот добива доволно внимание и поддршка од јавноста?
Децата се иднината на оваа заедница и затоа е потребно сите заедно да се осигураме дека им оставаме правилен пример и им даваме шанса да стекнат здрави навики кои ќе останат со нив до крајот на животот. Низ годините имавме и позитивни и негативни искуства, но чекорејќи го патот наидовме и на силна поддршка од институции и организации кои се свесни за важноста на она што го прават школите. Таква е нашата соработка со НЛБ Банка, која помага да се реализираат нашите замисли и проектот да стигне до што повеќе луѓе и да вклучи што повеќе деца. Успешно ја затворивме првата сезона на „Растеме со шампиони“ заедно со НЛБ Банка и забележавме некои бројки кои ни укажуваат дека интересот расте, а децата навистина ги сакаат овие активности. Во нашиот проект сите деца се Шампиони! Многубројните вежби и игри се димензионирани така што овозможуваат повеќекратно доживување на мали успеси кај секој од учесниците. Без соодветна поддршка од НЛБ Банка, немаше да можеме да ја постигнеме оваа масовност и навистина сме радосни што уште во првата сезона привлековме толку големо внимание. Чувствуваме силна радост што НЛБ Банка го препозна нашиот напор и реши да ги промовира здравите животни навики кај децата преку поддршка на овие активности. Тие покажаа дека се општествено свесна компанија, која знае колку е важно компаниите да застанат зад позитивните локални иницијативи и проекти. Сега заедно се подготвуваме за нова сезона на „Растеме во шампиони“, која ќе биде уште поамбициозна, ќе вклучува повеќе деца и ќе донесе повеќе забава кај најмладите.
Во нашиот грасрут универзум, детето ни е во центарот на вниманието, и сите заинтересирани страни се вртат околу детето, а нашите активности имаат за цел да им овозможат на децата да се изградат во здрави личности кои ќе имаат успеси и во спортот и во животот. Понекогаш се обидуваме да вклучиме и посебни тренери или т.н. „амбасадори“, кои се всушност домашни познати спортисти, кои треба да ги охрабрат малите дечиња да направат чекор во вистинската насока и да се бидат физички активни сега, но и откако ќе пораснат.
Отворените Забавни Фудбалски Школи се етаблирани во јавноста во Македонија и пошироко. За успешноста на нашиот проект и активности кои ги реализираме на територија на цела држава говорат соработките со скоро сите општини, голем број на ОУ-та, наставници, спортски работници, родители и деца. Сите што имале можност да учествуваат или индиректно да бидат запознати со активностите што ги спроведуваме, зборуваат во суперлативи бидејќи тоа што го нудиме преку спорт, забава, дружење, едукација, е проследено со безброј насмевки на среќни и задоволни деца со кои ние како организација искрено се гордееме.
Како го оценувате проектот „Растеме во шампиони“ кој минатата година го започнавме заедно со НЛБ Банка? Какви се идните планови и што ги очекува малите спортисти до крајот на оваа година?
Проектот „Растеме во Шампиони“ е еден од најуспешните проекти кои ги имаме реализирано во последните години, со оглед на прифатеноста од страна на сите засегнати страни како општини, спортски клубови, основните училишта, стручни служби, наставници, родители, а најмногу од страна на децата како директни ученици . Бројката на деца која ја предвидовме ја исполнивме во целост, а задоволството е уште поголемо што сите учесници беа презадоволни од спортските настани кои им беа подготвени. Имавме голем интерес за вклучување во проектните активности.. За да се добие претстава за масовноста, може да издвоиме дека проектот беше спроведен во 42 основни училишта низ земјата, од 10 различни градови, а опфати вкупно 1.040 деца кои беа координирани од 60-те тренери ангажирани околу активностите. Ова е ниво на успешност кое не го очекувавме, но на кое вистински се радуваме, бидејќи знаеме дека успеавме да го доближиме спортувањето и здравиот живот до многу деца ширум земјата.
Би сакале да ги споменеме и бројните приказни од градовите каде ги реализиравме активностите, од која ќе ја издвоиме среќата и задоволството на децата учесници на настанот во Дебар, кои следниот ден после настанот на училиште пристигнале со маиците и медалите кои ние како организатори им ги поклонивме.
На малите шампиони оваа година им престојат бројни спортски европски и светски манифестации кои можат да ги следат преку медиумите (УЕФА европско првенство – јуни/јули 2024 во Германија, Олимписки игри 2024 во Париз, голем број европски и светски останати настани во тенис, кошарка, ракомет, индивидуални спортови и др.). Во делот на грасрутс спортски активности кои ние како Отворени Забавни Фудбалски Школи ќе ги реализираме оваа година, во план е реализација на неколку проекти кои ќе бидат одлично подготвени и реализирани на територија на цела држава, за кои што јавноста ќе биде информирана во периодот што следи.