„Нижи накит за инклузивност“: Проект на ЦМА КРИК кој поттикнува финансиска независност на млади девојки со и без попреченост

Точка

11/10/2023

12:05

124.053

Големина на фонт

а а а

Едно од ретките места каде лицата со попреченост би можеле да поминат неколку часа во денот и да бидат згрижени од стручни професионалци како и од волонтери, е Центарот за окупациона терапија на ЦМА КРИК во Скопје.

Овој центар започна со проект од инклузивен карактер во кој нивните корисници изработуваат накит, а подоцна тој накит се продава со цел корисниците да дојдат до самовработување.

Повеќе информации за самиот Центар за окупациона терапија, активностите на проектот и начинот на изработка на накитот, дознајте од интервјуто во продолжение:

Што претставува Центарот за окупациона терапија и со што се занимава?

Центар за младински активизам КРИК-ЦМА Крик е младинска организација која е основана од млади луѓе.Организацијата постои веќе 10 години, Главен фокус е работа со млади и возрасни лица со и без попреченост.

Центарот за Окупациона терапија е оформен со мисија и визија да понуди услуги во заедницата за лица со разни видови на попречености, Цма Крик воспостави Дневен центар за окупациона терапија кој е наменет за корисници над 18 годишна возраст.

Вработените во центарот се стручен кадар кои имаат искуство во работа со лица со попреченост и тоа окупационен терапевт, физиотерапевт и психолози. Целта на професионалниот тим на Центарот е да опфати и да мапира поголем број на лица со попреченост кои би се вклучиле и би ги следеле окупационо-терапевтските активности и услуги кој овој центар ги нуди. Окупационо-терапевтските услуги се организираат и спроведуваат во зависност од индивидуалните потреби и желби на корисниците.

Учеството во активностите во центарот е бесплатно.

Која е целта на работилниците за изработка на накит?

Проектот „Еднакви можности за девојчињата и младите жени во Северна Македонија” го спроведуваат Националниот младински совет на Македонија и Stella Network, со финансиска поддршка од страна на Британската амбасада во Скопје. Целта на проектот е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени да бидат поактивни во општеството, да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.

Целта на активностите во овој проект е поттикнување финансиска независност на млади девојки со и без попреченост, преку градење на нивните капацитети за вклучување во пазарот на трудот.

Кој се' е вклучен во овој проект?

Во проектот Работилници за изработка на накит од монистра се вклучени млади девојки. Групата е хетерогена и е составена од лица со и без попреченост. Работилниците за изработка на накит од монистра се од отворен карактер и може кој сака да се приклучи, но најчесто на една работилница учествуваат од 6 до 10 млади девојки.

Активностите се започнати од 15ти Август и ќе траат до 15ти Ноември.

Какви активности вклучува проектот?

За време на проектот ќе се реализираат 3 активности односно првата активност е Кампања на социјалните медиуми-промовирање на добри практики за вработување на лица со попреченост. Со оваа активност сакаме да ги поттикнат работодавачите да нудат можности за лица со попреченост и општата популација да го промени наративот како се гледаат лицата со попреченост-од лица кои имаат лимитирани способности-до лица кои работат исто како сите други. Оваа кампања ќе биде составена од 3 видеа.

Втората активност е Стекнување со работни вештини-подготовка на накит, со оваа активност сакаме да постигнеме младите девојки во центарот за окупациона терапија Крикни, со поддршка на окупационите терапевти ќе изработуваат накит од различни видови на монистра-ланчиња, алки, обетки и прстени. Откако накитот ќе биде подготвен, лицето на продажба (активност 3) ќе го пласира на социјалните медиуми. Заработката од продадените производи ќе биде исплатена соодветно според договор на девојките кои ги изработуваат производите. Активностите се одржуваат во просториите на Крик.

Третата активност е Подготовка на профил на социјални медиуми и план за продажба на производите кои девојките со попреченост ги изработуваат. Девојките со попреченост кои посетуваат активности во центарот за окупациона терапија Крикни имаат потребна поддршка за пласирање на нивните производи и продажба. Целта на сите овие активности е да поттикнување финансиска независност на млади девојки со попреченост и без преку градење на нивните капацитети за вклучување во пазарот на труд.

Како се одвива процесот на изработка на накитот, од каков материјал се изработува?

За да се изработи едно парче накит треба пред се да имаме добар и квалитетен најлонски конец и жица на која понатака се нижат монистрите. Монистрите се набавуваат во различни големини и бои за сечиј вкус.

За да се направи една алка потребно ни е најлонски конец и одбрана монистра со што после тоа почнува начинот на нижење на самите монистри. На крај, се додаваат закачалки со кои се осигураме дека алката или ѓерданот нема да се откачи при носење.

6. Како можат оние кои се заинтересирани да купат накит?

Нашиот рачно изработен накит од монистра може да се најде во самиот Центар за Окупациона терапија Крик кој се наоѓа во склоп со месната заедница Црниче на ул” Св. Наум Охридски” бб, 1000 Скопје.

Исто така накитот може да го пронајдат и нарачате на нашите социјални мрежи Инстаграм и Фејсбук.



Спонзорирани линкови

Маркетинг