Во саботата во Лондон се одржа традиционалната годишна церемонија „Trooping the Colour“ во која се оддава почит на моменталниот британски монарх, овојпат на кралот Чарлс Трети.
Во оваа прилика секогаш се одржува и свечена парада и британското кралско семејство се обединува на балконот на Бакингемската палата од каде ги поздравуваат присутните. Ова е најсвечениот ден во годината за кралското семејство и нивните модни изданија и однесување секогаш се следат со голем интерес и внимание.
Принцот и принцезата од Велс со децата по обичај биле во фокусот на вниманието, па повеќето погледи биле насочени токму кон нив. Кејт Мидлтон блескала во извонредна модна комбинација и боја која одлично ѝ прилега.
Убавата Британка се определила за ведра, впечатлива нијанса на зелена боја која одлично ѝ одговара на нејзиниот тен и коса.
Принцезата се определила за капут-фустан со миди должина, со потпис на сингапурската модна куќа „Andrew Gn“, со сатенски рабови и рачно изработени копчиња од сини скапоцени камења. Самиот крој совршено ѝ прилегал на Кејт, истакнувајќи ја нејзината витка фигура и давајќи ѝ поубава и помоќна силуета благодарение на нарамениците.
Таа ја заокружила целата комбинација со аксесоари во истата нијанса, како прекрасен шешир со широк обод и панделка, салонки од превртена кожа и „clutch“ чанта. Носела и скапоцени обетки од сафир и дијаманти кои некогаш ѝ припаѓале на принцезата Дајана.