Главната концертна атракција во регионов - загрепскиот квартет „Чуи“ ќе настапат на „Крај Вардарот Џез“

Точка

12/05/2023

10:36

127.324

Големина на фонт

а а а

Chui (Чуи) е најнаградуван современ џез состав од Хрватска. Членовите на овој загрепски квартет ќе настапат за првпат на четврото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“.

Нивната музика е спој на џез со современа клупска танцова музика, електроника и рокенрол. Неверојатно квалитетен, комуникативен и опасно музикален бенд, кој никого не остава рамнодушен. Нивните настапи во живо предизвикуваат танц и бура од емоции кај публиката.

На 20-ти мај, „Чуи“ ќе настапат во живо во МКЦ Скопје. По тој повод, поразговаравме со Тони Старешиниќ, фронтмен на квартетот.

Од каде името Chui (Чуи)? Дали сте можеби „Star Wars“ фанови или се работи за нешто потполно друго?

Чуи е име кое едно време ми се вртеше по глава и нормално има повеќе значења. Од една страна испраќа јасна порака: чуи/чуј! (слушни), а од друга страна ми звучеше како име на некој сладок свемирец, нешто во манир на свемирски домашен љубимец. Подоцна направив и маскота Чуи: мал свемирец со големи очи и уште поголеми уши, ама без уста. Тоа некако ме симболизира мене, со оглед дека сум аудио и визуелен, додека во вербалниот дел имам уште простор за напредок. Подоцна, открив дека Чуи на Свахили јазикот значи леопард, па маскотата доби и опашка. Мислам дека тоа воопшто не е случајно, со оглед на фактот дека највлијателниот бенд за постанокот на Чуи е „Mwandishi Sextet“ на Херби Хенкок исто така е наречен по тој старо-африкански јазик, а и сите членови на составот имаат Свахили имиња. Чуи има значење и на кинески јазик, но да не забегуваме. Што се однесува до „Star Wars“, го сакаме Мандалориан, ама сепак, пред се сме фанови на „Star Trek“, што јасно се гледа од насловот на нашиот албум „Из капетановог дневника“. На „Star Wars“ му ја посветивме композицијата „Сила ми је“.

Вие сте секако џез бенд, сепак, вашите синтисајзерски делници не носат во средината на 90-те и техно клубовите. Фанови на електронска денс музика, така?

О, да, секако дека сме фанови на клупската музика. Нашиот тапанар Иван Леванчиќ има свој соло проект и продуцира електроника, користејќи ритам машини. Исто така, свири со органик-техно бендот ABOP. Јас и басистот Конрад исто така имаме многу искуства со клупска музика за танц, додека саксофонистот Војкан е хард кор џезер, но отворен кон кој било музички правец.

Дали тоа значи дека вашите концерти се вистински танц настани?

Па да, мислам дека сме прилично танцово ориентирани, а особено материјалот кој го снимивме на Берлинската половина на последниот “Загреб – Берлин“ албум. Тука си поигравме со техно и хаус, што е логично, со оглед на тоа што Берлин е една од колевките на современата електронска денс музика.


„Порин“ е најголемата хрватска музичка награда. Имате добиено вкупно седум. Само оваа година добивте три. Можно ли е да сте толку добри?

Би рекол дека нашата музика подеднакво ја привлекува и критиката и публиката. Се случи необично добар спој, па во исто време е доволно комуникативна, а сепак недофатлива за пошироката публика. Тоа е доста атрактивна комбинација, но сепак, најдобрите работи се случуваат на концертите, кои се преполни со позитивна енергија, на што публиката едноставно не може да остане рамнодушна. „Порин“ настана по примерот на „Греми“, само прилагодено за нашите хрватски услови. Силно е ценет и тешко е да се освои, особено ако доаѓате од алтернативната сцена, што не прави особено горди на 7-те освоени. Уште од првиот албум добивавме одлични критики, но дури третиот „Thirds sun from the stone“ го проби мразот, кога музичките новинари го прогласија за албум на таа година во Хрватска. Следната година, тој материјал го снимивме со Џез оркестарот на Хрватската Телевизија и тоа ни ги донесе првите Порини. Сето тоа ме исполнува со огромно задоволство, со оглед на тоа дека на концертите за првите албуми ни доаѓаа по 50 луѓе во публика, а сега свириме во клубови за по илјада луѓе, па и повеќе.


Редовно концертирате по Хрватска, но и насекаде. Какво чувство имате за Скопје? Имате можеби некоја порака за нашата публика однапред?

Во Скопје веќе свирев неколку пати, придружувајќи ги Јосипа Лисац и Едо Мајка. Го обожувам Скопје, тоа е прекрасен град. Ова ќе биде првпат да настапувам со моите Чуи. Претходно свиревме во Македонија само еднаш, на Џез Викендот во Прилеп, што беше преубаво искуство, големо благодарам на Гоце и Владан. Би ја поканиле скопската публика да дојде на овој одличен „Крај Вардарот Џез фестивал“ и да послушаат еден куп нова супер џез музика. Ние секако ќе дадеме се од себе да ја пренесеме нашата изворна енергија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг