Американската пејачка и актерка Деми Ловато изјавила дека повеќе не се чувствува како небинарна личност и дека повторно ја усвоила заменката „she/her“.
Да потсетиме, минатиот мај Деми изјави дека по „длабоката пресметка со себе“ не се идентификува ниту како маж, ниту како жена, барајќи од јавноста да ѝ се обраќаат со „тие“.
Меѓутоа, една година подоцна, работите се промениле, а пејачката на „Spout Podcast“ објаснила дека е „личност што се менува“.
„Всушност, повторно ја усвоив заменката таа/неа. Јас сум многу променлива личност. Минатата година се чувствував како моите машки и женски енергии да ми се избалансирани. На пример, кога одам во јавен тоалет и треба да изберам машки или женски тоалет, не чувствував дека можам да го направам тоа, затоа што не се чувствував целосно како жена, ниту како маж. Само се чувствував како човек“, објаснила Деми.
Сега пејачката повторно се чувствува како жена.
„Од неодамна се чувствувам повеќе како жена, па тоа повторно го присвоив. Но, мислам дека е важно дека никој не е совршен. Сите понекогаш ги мешаат заменките, особено кога луѓето учат. Сè е до почит“, додала таа.
„Можеби ќе дојде момент кога ќе се идентификувам како транс. Не знам како изгледа тоа, но во моментов вака се идентификувам и го правам отворено и слободно. Јас сум само флуидна личност и тоа оди со мојот начин на изразување“, вели Деми.
Во текот на своето интервју од 2021 година, Ловато открила и дека е пансексуалка, а на прашањето на водителот дали сака мажи или жени, таа одговорила дека ѝ е сеедно.