Телекомуникацискиот сегмент се повеќе добива жени во своите редови. Оваа област некогаш привлечна и “резервирана” само за мажите , се повеќе станува привлечна и за жените кои ја освојуваат несомнено брзо и со голем квалитет. Една од нив е и Ана Богдановска од А1 Македонија со која разговараме за нејзините почетоци во кариерата како магистар за безжични и мобилни мрежи, искуствата и развојот во кариерата.
Која е Ана?
Ана е млад и амбициозен телекомуникацски инженер, вработена во одделот за одржување на мобилна мрежа – поконкретно делот за Интернет, во А1 Македонија. Како што и налага самата професија сакам постојано да учам и да се надоградувам. Посветена на својата работа, сакам предизвици, се трудам да го вметнам спортот во моето секојдневие и уживам во патувања.
Каде се образуваше?
Дипломирав на факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, на отсек Телекомуникации. Отсекогаш ме привлекувале природните науки, така што запишувањето на ФЕИТ беше природен тек на работите. После завршувањето на додипломските студии продолжив да се образовам на истиот факултет на смер “Безжични и Мобилни Мрежи” што се покажа како права насока за мојата понатамошна работа. Го “искористив” ковид периодот за да го завршам тоа што го започнав од поодамна и се стекнав со назив магистар што за мене лично претставува сатисфакција и издигнување во професионалната кариера. Покрај формалното образование во периодот додека сум во А1 имам посетено и повеќе надворешни курсеви што ни ги овозможила компанијата за да го зголемиме нашето знаење и професионален напредок.
Што работи експерт за податочни сервиси?
Мојата работа претставува пред се осигурување дека “core” делот од пакетската мрежа ќе биде достапен 99.999% од времето. Тоа вклучува навремено мониторирање на аларми, следење на KPI-и и следење на перформансите на мрежните елементи како би се превенирало било каков испад во мрежата. Нормално, паралелно со секојдневните оперативни обврски имам задачи кои се поврзани со проектните активности, а такви се поприлично многу. Дел од нив се поврзани со “update”-те кои се прават регуларно на одреден временски период на сите системи за кои сме ние како оддел одговорни. Додека пак, дел се однесуваат на модернизација на мрежата, како и воведување и интеграција на нови елементи со постоечките со што би ги подобриле перформансите на мрежата и би го зголемиле квалитетот на услугата на крајните корисници.
Тековниот и наредниот период една од поголемите активности со која би биле “окупирани” е воспоставување на нова мрежна инфраструктура како активност потребна за воведување на 5G технологијата и мојот сектор тука би имал голем удел.
Кое беше твоето прво вработување и позиција?
Моето прво вработување беше во компанија која се занимава со производство на електронски плочи во автомобилската индустрија. Набрзо потоа го прифатив мојот следен предизвик да работам како “Packet Core Engineer” во друга телекомска компанија. Тоа на некој начин ми беше “отскочна даска” и моја “влезница” за да продолжам со работа во ваква реномирана компанија како што е А1, тогашен Vip. Така ја започнав мојата приказна со А1 која ден денес трае.
Колку време ти требаше за да стигнеш на денешната позиција?
Со титулата експерт за податочни сервиси се здобив претходната година, што ќе каже дека ми требале скоро пет години за да стигнам до сегашната позиција. Тоа се години исполнети со секојдневно учење и постојано соочување со различни проблеми и предизвици. Одговорноста што ја носи мојата работа е огромна, бидејќи корисниците се најважниот аспект од работата и правиме се што е во наша моќ да имаат непрекнат сервис.
Кој е најинтересниот дел од твојата работа?
Морам да напоменам дека да се биде дел од одделот за техника е постојан предизвик. Секој систем е различен сам по себе, но сите бараат одговорност и посветеност од една страна но и континуирано учење од друга страна. Секојдневното соочување со различни проблеми е на некој начин борба но и шанса за напредок. Интересен дел од работата се исто така и активностите што ги имаме во “low traffic hours” кога вообичаено се прават мрежните промени. На шала некогаш знаеме да кажеме дека не знаеме што ќе ни донесе наредната таква активност, но тоа ја прави оваа работа предизвик и ни дава можност за професионален напредок. Секојдневната комуникација и заедничките активности што ги имаме со колегите кои работат во другите сектори како и комуникацијата со колегите од ТАГ групацијата е исто така интересно искуство кое може да се доживее само во голема компанија од калибар на А1.
Што те мотивира?
“If you are unwilling to learn no one can help you. If you are determined to learn, no one can stop you.”
Успехот е она што најмногу ме мотивира. Знаејќи дека мојата напорна работа и упорност ќе ми помогнат да постигнам поголем професионален успех е она што ме одржува понатаму.
Друго нешто што ме мотивира е тимот. Работата во тим е една придобивка на компанијата каде што работам. Спојот на идеи и мислења ме поттикнува да учам од моите колеги. Радоста при секој успешно завршен проект или решен проблем е поголема која ја делиме со тимот.
Што правиш во слободно време?
Како и секој млад човек, надвор од работата моите слободни денови сакам да ги користам за патување. Секое ново патување избирам ново место, а листатата со места кои би сакала да ги посетам е долга.
Ја сакам природата, така што спортот и активностите во природа се дел од моето секојдневие. Последните неколку години си пронајдов и ново хоби - скијање што за кратко ми стана и омилено хоби. Така што сега имам причина зошто едвај чекам да дојде зима. Секој има различен начин за менаџирање со стресот, мојот дефинитивно е спортот.
Ако можеш да дадеш совет на 18 годишни девојки, што би им препорачала?
На тие години верувам дека се наоѓаат на крстосница во животот, како што сме се наоѓале сите. Би им препорачала внимателно да одберат каде ќе го насочат своето образование.
Со оглед на брзиот начин на живот како и тоа дека поголемиот дел од времето го поминуваме на работа, многу е важно секој од нас да ја пронајде професијата која ќе ја работи со љубов.
Најдете нешто кое навистина би сакале да го учите за да после тоа може секојдневно да уживате во работата.
Искористете ги можностите за пракса и стекнување на контакти што ви ги нуди факултетскиот живот, ке имате неповторливи искуства кои ќе ви допринесат да станете комплетна личност во иднина.
А што би препорачала на колегите и колешките кои се на почетокот на своите кариери?
На младите колеги и колешки би им порачала да не се плашат да бидат амбициозни и да го инвестираат своето време за да учат нови работи.
Во денешното време кога технологијата се менува многу брзо, мора да бидеме во тек така што континуираното техничко надоградување е задолжително за оваа професија.
Бидете упорни, трудољубиви и желни за знаење. Нека не ви биде најголем предизвик да се издигнете материјално, вложувајте во себе и трудот на крај секако ќе се исплати.