Луѓето сакаат во своите домови да имаат уникатни и слатки детали со кои истите ќе ги направат попријатни места за живеење.
Во продолжение ви ја пренесуваме приказната за „Lit Candle“, зад чија реализација стои девојка која својата креативност ја преточува во уникатни свеќи кои веруваме дека одлично ќе се вклопат во ентериерот на вашиот дом.
Првично започнав да правам свеќи чисто како хоби, но и за декорација за дома. Но, потоа постојано почнав да добивам коментари дека тоа што го правам мора да го видат повеќе луѓе и дека истото е навистина добра идеја за бизнис – досега речиси нешто невидено.
Па, така почнав со објавување на фотографии и навистина имаше голема заинтересираност за свеќите кај луѓето уште од самиот почеток. Така всушност почна да расте мојот мал бизнис...
Името „Lit Candle“ е комбинација од интернет сленгот „That’s Lit“, а потоа и од глаголот „light“ во мината форма – „lit“. „Lit Candle“ ми звучеше навистина „кул“ и уникатно, па по неколку обиди со комбинирање на зборови, заклучив дека тоа е вистинското име кое го сакам.
Свеќите се направени од соин восок и мал процент на парафин кој свеќата ја прави поцврста и полесна за обликување. Свеќите се мирисливи, а изборот на мирис е навистина голем.
Прво почнав да правам свеќи-коктели, потоа мали свеќички со интересни форми (срценца, топки сладолед), па во облик на кафиња. Поради тоа што свеќичките беа уникатни, клиентите започнаа да даваат свои идеи со што формите, боите и мирисите стануваат сè поразлични.
За моделот на свеќичките одлучувам според заинтересираноста на самите клиенти. Налепниците коишто ги гледате, 90 отсто се направени од наша страна на Фотошоп, сè со цел свеќите да бидат уникатни. Исто така, свеќите можат да бидат персонализирани, со текст или пак слика по желба на клиентот.
Поради тоа што свеќата е декорација која е неизбежна во домовите, а јас не сум успевала да најдам свеќи какви што сум сакала за домот во минатото, одлучив свеќите да ги правам и според интересот на клиентите (изглед, боја, мирис).
Сè ова го работам сама, но фамилијата секогаш е до мене за да ме поддржи или пак да ми помогне кога имам премногу нарачки, а не можам да постигнам сама, без разлика дали тоа е дизајн на слика, достава и слично. За проширувањето на мојот бизнис исто така многу помогнаа и моите пријатели и познаници, а и самите клиенти кои постојано ги препорачуваат производите.
Многу ми значи клиентите да се задоволни и да ги исполнам нивните очекувања. Исто така многу често се случува да се насоберат многу нарачки за краток временски период, но позитивниот „фидбек“ е тоа што најмногу ме поттикнува и ме мотивира да продолжам понатаму.
Кога ќе направам некој нов производ, најчесто ѝ го праќам на сестра ми. Еднаш ѝ пратив фотографија од свеќите-кроасани, а таа, мислејќи дека се вистински кроасани, рече: „Не ти се допечени!“ без да препознае дека се всушност свеќи.
Тоа беше комплимент, бидејќи ми докажа дека навистина внимавам на сите детали кога ги изработувам свеќите.
Доколку сакате приказната „Lit Candle“ да заживее во вашиот дом, тогаш свеќите може да си ги нарачате онлајн преку Инстаграм и Фејсбук профилите на продавницата.
Автор: М. Нестороска