X Squared: Пријатно освежување на македонската танцова сцена

Точка

22/10/2021

14:01

250.771

Големина на фонт

а а а

Македонската танцова сцена одамна немала пријатно освежување како X Squared – проект на двајца млади танцови ентузијасти кои со својот талент, но и упорност, се обидуваат да внесат свежа енергија во домашната култура. Двајцата основачи на овој танцов колектив, Јована и Бобан, решија дека доволно време чекаа некој „да ги придвижи работите“ и конечно ги земаа во свои раце.

Неодамна тие го забележаа нивниот најголем успех во кратките, но впечатливи кариери, а повеќе за тоа ни раскажаа во интервјуто кое следува.

Што е X Squared Dance Collective и кои се луѓето кои стојат зад овој проект?

X Squared е танцов колектив кој делува и твори во полето на изведбените уметности, а како свој главен фокус го зема современиот танцов израз. Основачи сме ние двајцата: Јована Зајкова и Бобан Русески, дипломирани современи танчари кои веќе некое време настапуваат заедно. Во зависност од проектот, X Squared може да брои и три, четири, па и повеќе луѓе, најчесто соработници од светот на уметноста.


Како дојдовте до идејата да формирате ваше сопствено танцово здружение? Која е вашата цел со XSDC?

Паралелно со студиите имавме прилика да бидеме дел од Скопје Танцовиот Театар и да настапуваме на реномирани фестивали и сцени низ земјата како и низ светот. Игравме во САД, Кина, низ Европа, учевме и се градевме како уметници, но и како личности со секое од овие искуства и авантури. По завршувањето на студиите, а особено во текот на карантините поради пандемијата, која ни даде многу време за размислување, почувствувавме потреба да си зададеме уште еден предизвик и да започнеме нешто наше. Независната танцова сцена во земјава одвај опстојува, финансии за вакви проекти ретко се издвојуваат, а особено за млади уметници кои допрва треба да се докажат. Сведоци сме на повеќе случаи каде што наши колеги - фантастични, способни, посветени, талентирани млади уметници се приморани да најдат друга професија за да имаат некаква финансиска стабилност. Ние решивме да останеме во нашиот креативен микро космос и да одиме до крај со нашата цел за симболично претставување на макро космосот (светот во кој живееме) со сите негови убавини и гадости.

Танцот за вас претставува хоби или работа?

За нас танцот е дома и е токму она место каде што се чувствуваме природно и удобно да го изразиме она што го чувствуваме и мислиме. За X Squared танцот не е ниту хоби, ниту работа… Со ризик да звучиме драматично, ниту ние го избравме танцот, ниту тој нас – туку некако природно се најдовме на средината.


Претставите и перформансите на X Squared се инспирирани од светот кој ги опкружува Јована и Бобан, од нивното секојдневие и приказните во кои се препознаваат себеси. Тие се надеваат дека нивната приказна ќе ги мотивира нивните колеги да се впуштат во нови самостојни проекти и на тој начин лично да придонесат кон развојот на независната сцена. А дотогаш, тие не се срамат да го кажат она што го мислат, да го прикажат она што сакаат да биде видено и притоа да бидат искрени, истрајни и упорни во следењето на нивната животна цел.

Ако се погледнат вашите досегашни настапи, може да се забележи одлична хемија помеѓу вас двајцата. На што се должи тоа?

Имаме различни танцови позадини и почетоци, но се запознавме во средното музичко балетско училиште „Илија Николовски Луј” во Скопје и танцуваме заедно од тој момент, па се’ до денес. Имаме еден тон сличности и уште два тона спротивности, но некако низ годините ни стана многу лесно да се најдеме на иста бранова должина, што се докажа и при работењето на претставата „Парадоксот на Диоген”, каде што двајцата заедно се наоѓаме во улога на кореографи, па така секоја идеја и секој чекор мораше да помине низ два ума пред да бидат изнесени на сцена. Сличен случај имавме и со перформансот „Demons and Fairies” кој се случи многу спонтано и природно во соработка со музичарката Зарина Првасевда, а беше премиерно изведен во Загреб. Заедничкиот интерес за македонскиот мелос сплете една впечатлива и моќна визија раскажана преку стилизирани движења од македонските народни танци и традиционална македонска музика. Честопати инспирацијата се јавува спонтано, во најобични разговори или набљудување на луѓето како чекорат по улиците, па голем дел од она што го прикажуваме на сцена всушност е замрзнат или оживеан (зависно како сакаме да го гледаме) момент од секојдневието. На страна од работењето заедно, ние сме и многу добри пријатели и секојдневно поминуваме време заедно, па дури на шега сме познати и како ЈОБИ или БОБАНА.


Неодамна публиката можеше да ве види на 36-тото издание на „Макфест“, од каде што си отидовте со награда. Кажете ни повеќе за ова искуство?

Ова искуство е уште еден доказ дека спојката на млади уметници полни со ентузијазам може да испише многу убави приказни. На покана на Марија Данева, се појавивме во улога на кореографи и танчери за нејзиниот настап во изведба на песната “Твоја” (музика и аранж. Роберт Билбилов, текст. Ана Антовска) и настапивме заедно со неа на 36-тото издание на „Макфест“. Покрај задоволството да бидеме дел од најпознатиот домашен фестивал, многу нè израдува тоа што ни беше доделена наградата за најдобар сценски настап, како и третото место во главната конкуренција за најдобра песна. Сигурни сме дека Марија ја чека успешна кариера и ѝ посакуваме уште многу награди и убави соработки. За нас ова беше неспоредливо искуство, бидејќи за првпат добивме признание кое ја вреднува нашата работа како официјален и независен танцов колектив. Освојувањето на првото место на „Макфест“ е голема мотивација, но ние го гледаме како само еден почеток на она што треба да биде долга и успешна приказна на X Squared.

Млади и талентирани луѓе како вас двајца сигурно во себе носат енергија за многу нови проекти. Што следно можеме да очекуваме од вас? Кој е вашиот „ангажман од соништата“ и каде најмногу би сакале да го покажете вашиот талент?

Во моментов работиме на две нови претстави каде што секој од нас засебно се јавува како кореограф, иако повторно сме во постојан контакт и креативниот процес тече низ разговор. Премиерите се предвидени за ноември и декември, па повеќе информации околу тоа ќе имаме кон крајот на месецот. На 25ти октомври во Денсинг салата на МКЦ ќе ја одиграме претставата „Парадоксот на Диоген” според истоимената драма на Томе Арсовски, на музика на Тодор Скаловски. Нашата сцена ќе биде судницата, а вие сте добредојдени да седнете спроти нас во улога на судии.


Имаме многу соништа, планови и идеи, но одиме чекор по чекор низ нив затоа што процесот на реализација бара време и посветеност. Планираме да го извадиме танцот од театарот и да настапуваме на отворено, како и на некои алтернативни локации. Планираме и да креираме и одржиме работилници и часови за танчари како и за танц ентузијасти кои немаат претходно искуство. Во моментов сонуваме пред се’ за редовен репертоар, сонуваме за танцова сцена, за соодветни прилики за младите уметници да го прикажат својот труд. Секако дека сакаме нашите претстави да ги прикажеме и надвор од земјата, меѓутоа многу би не’ радувало доколку успееме да делуваме да се зголеми бројноста на публиката за танц тука во нашата земја. Сакаме да го доближиме танцот до луѓето не само како уметност, туку и како дел од животот. Сакаме да испратиме порака дека да танцуваш не е страшно, туку е природно и забавно, го освежува духот и телото и на крајот на денот, како што вели една јапонска поговорка: “Будали сме без разлика дали танцуваме или не, па кога е така, подобро да танцуваме”.



Спонзорирани линкови

Маркетинг