Филип Пешевски за Точка: „На финалната вечер на Макфест се претставија ѕверови од пејачи“

Точка

22/09/2021

22:48

256.467

Големина на фонт

а а а

„Невино“ е макфестовската композиција на младиот Филип Пешевски, кој настапи на финалната вечер на најстариот музички фестивал на забавни мелодии.

Пишува: Цеце Николова
Фото: Тоши Трајчев

Ова е вторпат Пешевски да се појави на „Макфест“, откако во 2018-та година се претстави со „Кукло моја несудена“.

Филип се најде во конкуренција со многу познати македонски имиња на финалната вечер на „Макфест“, но се појави на сцената храбро, полн со самодоверба, заедно со танчерките кои неговиот настап го направија уште побогат и повпечатлив.

„Искрено, сè беше многу случајно. Ми се јави Николче Мицевски и ме праша дали сакам да настапам на Макфест. Му реков дека сакам, прашав само кој го прави текстот. Кога ми кажа Весна Малинова - веднаш прифатив. Со таков сигурен тим не може да не настапиш“, вели Пешевски за Точка.

Иако можеби повеќето од нас очекуваа дека ќе се закити со наградата за најдобар сценски настап, која инаку отиде во рацете на Марија Данева, Филип признава дека немал никакви очекувања од „Макфест“ 2021.

„Од Макфест немав никакви очекувања, не дојдов тука за да се натпреварувам. Се појавив за да пробам да одземам барем три минути од вниманието на публиката во ова лошо време. Сакав да им испратам позитивна енергија“, низ насмевка открива Филип.

Од публиката беше одлично прифатен, го следеа неговиот ритам и успеа да пренесе убава енергија со своето појавување на сцената.

„Секогаш кога сум во Штип се чувствувам одлично, а да не зборуваме како се чувствувам кога настапувам на оваа сцена - секако дека прекрасно. Ова е сцена од која излегле најголемите хитови во Македонија. Тука настапиле сите најголеми артисти од земјава - чест ми е тука да настапувам“, признава пејачот.


Го прашавме што мисли за настапите и воопшто композициите со кои се претставија неговите колеги и дали би издвоил настап или песна.

„Во финалната вечер на Макфест се претставија, слободно можам да речам, 'ѕверови' од пејачи. Мислам на Калина, Полина, Александра Јанева, Лара, Роберт Билбилов... Во еден момент дури се исплашив од тоа колку добри артисти ќе има на Макфест. Од една страна ми е најдраго на цел свет што сум заедно со нив на сцена, а од друга страна, почувствував малку страв“, искрено вели Филип.

„'Кога те нема' е песната која секогаш ќе ме навраќа на некогашниот Макфест“, вели за крај Филип Пешевски за Точка



Спонзорирани линкови

Маркетинг