Не постои ништо слично на светот: Соларна опсерваторија стара 2.300 години на Листата на светски наследства на УНЕСКО

Точка

28/07/2021

11:02

7.877

Големина на фонт

а а а

Најстарата соларна опсерваторија на американскиот континент добила статус на светско наследство од УНЕСКО и е прогласена за ремек дело на човековиот креативен гениј.

Локалитетот Чанкиљо, стар 2.300 години, се наоѓа во пустина во северно Перу и едно од 13-те светски места додадени на листата споменици на културата.

Тринаесетте кули кренати на гребен се карактеристични за овој древен комплекс направен меѓу 250-та и 200-та година п.н.е.

Кулите служеле како календар кој го следел движењето на сонцето и така бележеле рамноденици и помрачувања, но и прилично прецизно, денови и години.

На локалитетот се наоѓа и комплексот познат како Утврден храм, кренат на голата површината на речната долина Касма.

Ајван Гези, програмски директор на Чанкиљо за "Guardian" рекол дека е воодушевен од признанието на агенцијата на ОН, но дела не е изненаден што Чанкиљо се нашол на листата.

"Тоа е единствена опсерваторија од древниот свет за која знаеме дека има комплетен годишен соларен календар", рекол Гези, археолог кој две децении го проучува и работи на локалитетот.

"Кулите се поставени така што прецизно се поклопуваат со движењето на сонцето во текот на годината со две многу дефинирани точки гледишта. Не постои ништо слично ни во Америка ни во светот", додал тој.

Гези додал дека "древните цивилизации на Перу практикувале најсофистицирана астрономија за тоа време".

Светскиот споменички фонд повеќе од 10 години работи со перуанската влада и другите организации за заштита на локалитетите.

"Неговата важност е релативно малку позната, никој не се занимавал со зачувување и средување на локалитетите", рекол Бенедикт де Монталур, претседател на фондот.

Ставањето на листата на УНЕСКО значи многу за оние кои неуморно работеле на зачувување на ова извонредно светско наследство, додал тој.

Археолозите веруваат дека локалитетот е напуштен на почетокот на првиот век и дека бил заборавен до 19-тиот век. Никакви човечки остатоци не биле пронајдени на локалитетот и малку се знае за неговата култура.

"Знаеме дека е изграден во време на конфликти и социјални немири", рекол Гези.

Чанкиљо е третиот перуански локалитет кој се нашол на листата на УНЕСКО во овој век. Пред него, статус на светско наследство добиле патните системи на древните Инки, Капак Нан и најстариот град на американскиот континент, Карал.



Спонзорирани линкови

Маркетинг