Токму денеска, на Велики Петок, момците од „2Be“ направија преработка на најголемиот хит кој постојано се врти на радио станиците пред големиот христијански празник.
„На Велигден“ е нивниот нов 'кавер', снимен во домашна атмосфера, а Љупче, Тино и Синиша имаат само една порака - во здравје да го дочекаме Велигден.
Ова музичко трио веќе неколку години ја освојува јавноста со уникатните преработки на домашни и странски познати песни, а истите може да ги слушнете на нивниот Јутјуб канал.
Од „2Be“ нѝ откриваат дека изминатиов период работат на нивна авторска музика и дека наскоро ќе издадат и нешто свое.
Инаку, овој долгогодишен хит во оригиналната верзија го изведува Џина Папас Џокси. Маестралниот Тоше Поп-Симонов, Тања Станковиќ, Гон Жарновски, Перо Камиказа, Ацо Конга, Весна Додева, Славе Димитров - се само дел од македонските имиња од музичката фела кои стојат зад нумерата „На Велигден“.
Но, оваа година, покрај онаа оригиналната, уживајте и во изведбата на „2Be“.