А1 Game Fest 2020: настан кој ги надмина очекувањата на сите

Точка

28/12/2020

16:52

25.723

Големина на фонт

а а а

Македонската гејмерска елита и оваа година се сретна на најочекуваниот е-спорт настан во земјава А1 Game Fest што се одржа на 19 и 20 декември и тоа во онлајн издание. Организатор на настанот е А1 Македонија, во соработка со GG.MK.

Оваа година квалификациите се одржаа ONLINE, додека пак финалните натпревари на најдобрите тимови и играчи сепак се одвиваа во живо, без публика и под строго определени мерки и протоколи за заштита од COVID-19. За организацијата на настанот, одзивот и самата атмосфера зборувавме со Фросина Бошкова од маркетинг комуникации на А1 Македонија, и со, би рекле лицето на македонската гејминг заедница, Гораст Цветковки од GG.MK.

Успешно се одржа А1 Game Fest на кој, покрај наметнатите предизвици поради пандемијата, сепак се пријавија голем рој учесници. Очекувавте ли голем одзив и кои се впечатоците по завршетокот на настанот?

Гораст: Со оглед на светската пандемија и развојот на настаните, самото одржување на настанот беше неизвесно и зависеше од многу фактори. Организаторот А1 Македонија, по проценка на сите ризици и расположливи мерки за нивна елиминација, сепак одлучи да одговори на предизвикот, на задоволство на сите. Уште од моментот кога почнавме со подготовки бев уверен во успехот, како и во претходните изданија. Одзивот за пријавување е секогаш огромен, така беше и лани, но тоа што ме изненади е огромната посетеност и гледачи на стримот. Повеќе од 15.000 гледачи го следеа најочекуваниот е-спорт настан во Македонија. :)

И покрај пандемијата и вонредните услови, А1 Македонија сепак не се откажа од организација на A1 Game Fest. На што ја темелевте одлуката за негово одржување?

Фросина: Уште пред три години кога за прв пат бевме ставени пред одлука дали ќе се впуштиме во организација на ваков вид на настан, одлуката ја темелевме на предизвикот да направиме големо случување кое ќе ги собере сите пасионирани гејмери, е-спортисти, гикови, косплеери, фанови на суб-култура, љубители на стрипови, борд гејмови, ЛАРП-ери, колекционери на фигури и ретро-аркади и конзоли, односно настан каде и публиката ќе ужива во игрите. Вложивме многу труд и ентузијастички влеговме во целата приказна и секако резултатот ги надмина очекувањата, како за нас како организатори, така и за учесниците и секако публиката. Организацијата за вториот настан дојде сама по себе бидејќи сакавме да го повториме искуството за сите и дотолку повеќе истото да го подигнеме на уште повисоко ниво и тоа се случи. Имајќи го сето ова предвид, почетокот на пандемијата и развојот на настаните во таа насока, морам да признаам дека ја отворија дилемата за негово одржување, но исто така никогаш априори не се откажавме бидејќи размислувавме за сите можни варијанти и формати кои можеме да ги аплицираме. И тука практично предизвикот беше најголем. Факт е дека не сакавме да се откажеме, но и факт е дека бевме исправени пред одлуката да организираме настан кој пред сè ќе биде безбеден за учесниците и за публиката. Како компанија посветена на најновите трендови на светската телекомуникациска сцена која го инкорпорира гејмингот како дел од поп културата и на е-спорт и гејминг заедницата, во земја во која таа незапирливо расте, го прифативме предизвикот и организиравме настан по сите светски стандарди.

Како се одвиваше настанот и по што ќе се памети A1 Game Fest 2020?

Гораст: Настанот оваа година е различен од претходните, како што претходниот беше различен од тој претходно и како што следниот ќе биде различен од овогодинешниот.

Направивме комбинација.

Немаше паралелно играње и избравме различна игра од лани. Овој пат сакавме повторно да ја кренеме границата и решивме продукциски да биде сè перфектно и професионално. Тоа и се случи. Наградниот фонд се зголеми, па така играчите индивидуално добија поголеми премии за победите. Овој пат го направивме, според мои информации, првиот Онлајн косплеј натпревар во Македонија. Многу работи се случија премиерно на A1 Game Fest.

Кој беше најголемиот предизвик да се организира безбеден настан и на што најмногу внимававте при организацијата?

Фросина: Просторот во кој се одржуваше финалето беше во нашиот фокус. Да се обезбедат стандарди за гејминг, технички можности и најважно од сè, да се постави студио со природна вентилација, а сепак топло. Ги аплициравме сите безбедносни протоколи за заштита, епидемиолошка анкета, целовремена дезинфекција на просторот, уредите и присутните, заштитни маски, дополнителна параванска заштита помеѓу играчите и дистанца меѓу присутните. Публиката безбедно го проследи ова издание онлајн преку пренос во живо. Иако изгледаше како невозможна мисија, сепак успеавме во реализацијата.

Трета година A1 Game Fest е на македонската сцена. Дали ова нè вклучува во мапата на светските гејмерски настани?

Гораст: Ова е еден од најдобрите регионални настани. Може да парира, па дури и да ги надмине гејминг настаните во било која од соседните држави. Со надеж дека секоја година ќе расте, исто како што расте и матичната куќа А1 Македонија, A1 Game Fest тежнее да стане важна дестинација на европската е-спорт сцена... со вакво темпо, тоа е неминовно.

Да очекуваме ли четврто издание на A1 Game Fest?

Фросина: А1 Game Fest останува на мапата на активности на компанијата во знак на негување на оваа култура, нејзина поддршка и унапредување. Се надеваме дека во годината што доаѓа ќе можеме повеќе да се посветиме на креирање содржини за уште подобро искуство на сите учесници.




Спонзорирани линкови

Маркетинг