Кавадарчанецот Борче Стаменов е најхуманиот човек за 2020-та година. Имено, тој досега донираше речиси 500 половни комјутери на социјално загрозени лица, и не планира да запре тука. „Донирај компјутер“ е најпопуларната иницијатива во моментов, за која треба да слушне цела Македонија. Прочитајте го целото интервју со Борче, човекот со огромно срце и прекрасна мисија.
Борче, како настана иницијативата „Донирај компјутер“, од каде идејата за вакво нешто?
Идејата дојде како одговор на самата социјална состојба на поголем број на наши сограѓани. Живееме во тешки времиња и голема сиромаштија која трае веќе со децении. Во компанијата каде работам, наши клиенти честопати оставаат машини кои за нив се застарени. Застарените машини никогаш не ги фрлав, ги чував во магацин. Некаде на крај на 2016 година дојде некоја женичка да праша да не случајно имам некој половен компјутер за нејзините три дечиња. И тоа беше почетокот. Им средив една половна машина и им ја однесов до дома. Среќата во домот беше преголема за сè да застане таму. Првите десетина ги дадов низ градов онака по чуен муабет. Тогаш и дојдов до идеја дека ова може да биде убава работа. Направив Фејсбук страница каде се пријавуваа и оние кои имаат донација и оние на кои им е потребна. Тие кои добиваат донација се должни да ја докажат својата социјална состојба со праќање потврда на самата страница во порака за компјутерот да заврши на право место. Така „Донирај компјутер“ се стекна и со својата доверба кај сите што на некаков начин се вклучени во неа.
Колку на почетокот беше тешко или лесно да се реализира првичната замисла?
Ја сум инаетчија по природа. Кај мене 'не можам' или 'тешко ми е' не постојат. Ако досега сум замислил нешто, тоа и сум го остварил. Така беше случајот и со „Донирај компјутер“. Има доста работа. Комуникација со донатори, комуникација со баратели на донација, пакување, распакување, поправање, инсталиции, праќање на донациите со карго, селекција на отпад... И нормално морав цело ова да го вклопам со работните обврски кои ги имам на работа и не смеам да ги запоставам или ставам во втор план. Но, целта која акцијава ја има не ми дава да се изморам. Со добро планирање, добар распоред и огромната желба да се помогне успеав сè да ставам 'под конец' и цела оваа авантура да тече беспрекорно добро.
Како функционира целиот процес, на кој начин половните компјутери пристигнуваат до тебе, а потоа и до лицата на кои им се потребни?
Цела таа операција се одвива преку страницата која ја направив на ФБ. Таму контактирам со сите. Оние кои имаат опрема за донирање добиваат мои податоци кои им се потребни за да ја достават истата. Со некои правиме и договори за донација за кои имам огромна помош од невладината огрганизација „Зона“ од Кавадарци. Понекогаш доставата ја правиме со карго, а понекогаш самите тие доаѓаат до Кавадарци и ја оставаат. Тоа е уште една работа која ми е посебно омилена. Луѓе кои не ги познаваш дошле од некој крај на Македонија само за да ти остават едно пакетче. Го даваат за некој кој не го познаваат. Не можам ни да ви опишам колку ми е мило што го почнав ова и инспирирав огромен број граѓани да се вклучат! Со примателите на донација исто контактирам преку страницата. Секој од нив е должен да достави потврда за социјалната состојба во која се наоѓа. Потврда од социјално за социјална помош, самохран родител, невработеност и слично. Без оваа потврда едноставно јас не можам да дадам компјутер. Како што спомнав погоре, се работи за доверба и тоа е условот кој мора да се исполни. Компјутерите до крајните приматели се праќаат бесплатно, благодарение на карго службата „Еко Логистик сервис“.
Колку луѓе работат на реализирање на идејата „Донирај компјутер“?
„Донирај компјутер“ е еден човек. Но ако погледнеме пошироко, „Донирај компјутер“ е секој кој некогаш донирал макар и едно шрафче. Оттука доаѓа и она дека на „Донирај Компјутер“ моментално работат 2 милиони граѓани со една мисла.
Која е најубавата порака (благодарница) која си ја добил досега од дете/лице кое добило компјутер од „Донирај компјутер“?
Не би можел да одберам. Има толку зборови, толку песнички, толку сликца, толку видеа, толку благодарници што луѓето ги имаат пратено на име на акцијава. Но, ако помислам на самата суштина на акцијава - приказната за семејството кое го врати компјутерот ми е омилена. Им пратив компјутер и после 6 месеци откако добиле компјутер на подарок од роднини, го вратија. Го вратија со зборовите: „Прати среќа и на друго место. Тоа е и целта на #ДонирајКомпјутер“.
Што прави Борче во приватниот живот?
Боре голем дел од времето овие денови го минува дома. Зависник е од серии, филмови и добар звук. Инаку сум голем љубител на природата и секоја можност ја користам да прошетам по некое зеленило со пријатели кои се расположени за тоа. Во последно време хоби ми е фотографија. Лани земав едно дигитално апаратче и го немам оставено да дише. Мене никоаш не ми е досадно (се смее).
Која е твојата главна професија, со што се занимаваш?
Од образование стигнав до средно. Се запишав на факултет, но поради здравствени причини никогаш не го завршив. Вработен сум веќе 20 години во „Бидат информатика“. Во фирмата се занимаваме со продажба и изработка на наш книговодствен ситем. Почнав како вработен задолжен за графичка обработка, но со тек на време можам да кажам дека научив да ги опслужувам сите работни места и можам да кажам дека сум незаменлив (се смее).
Што би им порачал на надлежните органи, после толку донирани компјутери?
Не знам, што да им порачам? Ете за почеток наместо новогодишно китење по градовите нека се завртат околу себе. Нека 'препишат' од Општина Куманово која тие пари ќе ги пренамени за купување таблети за социјално загрозените граѓани. Овој пример го следеа неколку општини колку што прочитав по медиуми и е за поздрав. Нека им стане јасно дека живееме во социјална држава. Нека прочитаат дека имаме 450.000 граѓани кои живеат со 130 денари на ден. Нека ги отворат очите и срцата, не треба повеќе. Нека стане општеството еднакво за сите, време е!
Автор: Цеце Николова