Пауновски: Некои угостители ги понижуваа инспекторите, се однесуваат како да нема вирус

Макфакс

29/05/2020

18:20

1.733

Големина на фонт

а а а

Одредени угостители со понижување се однесувале кон инспекторите од Пазарниот инспекторат велејќи им: „Едуцирајте нè и напуштете го локалот“, посочи директорот Стојко Пауновски, според кого сопственици на кафетерии и кафеани се однесувале како да нема вирус и како да нема пандемија.

Тој го осуди ваквото однесување и потенцира дека од сега секаде каде што ќе се затекне прекршување на протоколот, ќе се казнува.

„За жал, на одреден број субјекти, кои не ги почитуваа во целост мерките, односно сите точки од протоколот, ние како Државен пазарен инспекторат мора да излеземе и секаде каде што ќе констатираме нарушување и непочитување на протоколите што се изречени, ќе бидеме принудени да казнуваме во согласност со членовите 205 и 206. Од она што ние го забележавме на терен, секако дека совеста и свеста на нашите приредувачи на угостителски услуги, односно повеќето од сопствениците на кафетериите и сопствениците на угостителските објекти, се придржуваа на процедурите. Меѓутоа, она што го затекнавме на терен при вршењето надзор, наместо излегување од вонредна состојба и олеснување на мерките, мислеа дека комплетно сме ослободени од вирусот и дека може да се однесуваат како што се однесувале пред пандемијата. За жал, морам да искажам огромно разочарување од однесувањето на самите угостители и од оние што ги посетуваат угостителските објекти. Инспекторите во објектите каде што требаше да вршат едукација за примена на протоколите, наидуваа на понижување од типот: ‘едуцирајте нè и напуштете го локалот’. Крајно неодговорно од страна на сопствениците и лицата што присуствуваа во нив“, изјави Пауновски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг