ЕУ ги укинува санкциите против двајца руски олигарси и покрај противењето на Украина

Макфакс

23/09/2026

07:00

303

Големина на фонт

а а а

Европската унија одлучи да ги укине санкциите против руските олигарси Алишер Усманов и Михаил Фридман, и покрај противењето на Украина. Оваа мерка уследи по долги преговори и предизвика контроверзии помеѓу земјите-членки на ЕУ, бидејќи санкциите беа воведени поради војната во Украина.

Европската унија се согласи да ги укине санкциите за руските олигарси Алишер Усманов и Михаил Фридман, изјави европски дипломат. Одлуката е донесена и покрај противењето на Украина. Договорот е постигнат по долги преговори, непосредно пред истекот на рокот за продолжување на санкциите.

Некои земји-членки се заканија дека ќе го блокираат продолжувањето на санкциите против Русија доколку не се укинат мерките против двајцата олигарси. Во официјалните документи на ЕУ, Усманов е опишан како „олигарх наклонет кон Кремљ, со особено блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин“.

За Фридман се наведува дека е „означен како врвен руски финансиер и помагач на најтесниот круг соработници на Путин“.

ЕУ воведе санкции за двајцата во 2022 година. Санкциите насочени кон поединци и компании поради војната во Украина мора редовно да се обновуваат. Укинувањето на санкциите за Усманов и Фридман е поврзано со одлуката за продолжување на мерките против околу 3.000 други поединци и субјекти. Важењето на тие санкции истекува денеска.

ЕУ завчера не успеа да го потврди начелниот договор за укинување на санкциите против двајца олигарси – потег што го бараа Франција и Луксембург. Начелниот договор беше постигнат завчера попладне, но – според дипломатски извор – Латвија се спротивстави на него. Одлуките на ЕУ за санкции бараат едногласност, пренесува АФП.

Франција бараше укинување на санкциите за Усманов, потег на кој се спротивставија бројни земји-членки на ЕУ и Украина. Тие предупредија дека таков чекор би претставувал опасен преседан и би испратил погрешен сигнал до Москва. Според европски дипломати, Париз како причина за отстранување на Усманов од списокот ги наведе „причините поврзани со националната безбедност“, без да даде дополнително објаснување.

Франција побара укинување на санкциите против Усманов по притисокот – како што наведоа европски дипломати – од Азербејџан, земја што приведе најмалку двајца француски државјани. Висок азербејџански дипломат ги отфрли овие тврдења минатиот петок.

Луксембург побара Фридман да биде отстранет од списокот на лица под санкции. Фридман бара 16 милијарди долари од Луксембург во постапка што заврши на арбитража. Дипломати на ЕУ изјавија дека Луксембург аргументирал оти неговата позиција во спорот би можела да ослабне доколку само Усманов биде отстранет од списокот, додека Фридман остане под санкции.

Санкциите на ЕУ вклучуваат замрзнување на имотот и забрани за патување во 27-те земји-членки. Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, ги повика земјите-членки да ја задржат политиката на санкции, наведувајќи дека таа мора да остане „во сржта“ на европскиот притисок врз Москва.