Официјално е! Дваесеттиот ЕГЗИТ Фестивал ќе се одржи од 13 до 16 август 2020

Точка

29/05/2020

16:36

1.036

Големина на фонт

а а а

Откако епидемијата заврши во повеќето балкански земји, српската премиерка Ана Брнабиќ замоли да не се откажува ЕГЗИТ (EXIT) фестивалот туку да се одложи за подоцнежен летен термин. Оваа вест стана една од водечките вести во светската музичка индустрија минатата недела и ја донесе толку многу потребната надеж за враќање на „лајв“ настаните и враќање на животот во нормала.

Сега, по дополнителните консултации, новите датуми за 20-тата роденденска прослава на најголемиот фестивал во нашиот регион и еден од водечките фестивали во светот се одредени од 13 до 16 август годинава! Тимот на Егзит најавува и дека целиот настан ќе се организира во блиска соработка со Националниот кризен штаб на Република Србија, а како една од мерките ќе биде и намалување на капацитетот на фестивалот на половина од вообичаените 55.000 посетители дневно. Исто така, ќе бидат затворени и рововите во кои инаку се сместени околу 40 бини и зони. Сепак, најимпресивните места на Петроварадинска тврдина кои го прават Егзит легендарен, како што се колосалната „Денс Арена“, главната бина и култната „Ноу Слип“ бина, како и уште некои сцени, ќе блескаат и ова лето во полн сјај.

Повторното покренување на продажбата на влезниците започнува на 1-ви јуни, додека повеќе детали за фестивалот, можноста за рефундација и програмата пристигнуваат во претстојните денови. Фестивалскиот тим потврди дека голем број од изведувачите се исклучително желни да настапат ова лето. Многумина беа во изолација со месеци, одвоени од фановите, па ЕГЗИТ го гледаат како можност за сите повторно да се обединат.


Од ЕГЗИТ додаваат дека добиле многу препораки и мејлови за поддршка од уметници, агенти и други фестивали, кои одржувањето на ЕГЗИТ го гледаат како шанса за оживување на комплетната светска ивент-индустрија. „Уште поважно од оживувањето на музичката индустрија е сигналот за надеж и оптимизам кој го испраќаме кон целото општество, а тоа е дека најлошото е зад нас. Помеѓу ширењето паника, што во минатиот период не недостасуваше, и оптимизам, ние секогаш го бираме ова второто“ – кажа основачот на ЕГЗИТ Душан Ковачевиќ и додаде интересна референца на фестивалската револуционерна историја: „Пред точно 20 години, по децениската изолација и војната во 90-тите, најдовме излез и го прифативме како свое име. Сега е време да пронајдеме глобален излез од пандемиската криза.“

Регионалните туристички експерти на неодамна одржаната трибина „Од откажување до откази“ во рамки на меѓународната конференција „ЕГЗИТ Стратегија“, ја изнесоа проценката дека Србија направила паметен чекор со тоа што прва објави ваква вест, бидејќи токму младите ќе бидат првите кои ќе патуваат, потенцирајќи дека во државите кои први ќе го препознаат тоа побргу ќе се опорави туризмот од останатите земји. За препораката на српската премиерка Егзит да се одложи за август известуваа и бројни глобални медиуми. Славниот британски весник „Гардиан“ наведе дека Србија успеала да ја надмине здравствената криза без тешки последици, додека британскиот „Телеграф“ ја истакнува проценката дека до август епидемиолошката ситуација ќе биде под контрола во цела Европа. И американскиот „Пулстар“ пишува за драстичното подобрување на ситуацијата и пренесува како примерот на ЕГЗИТ може да помогне за убрзување на опоравувањето на целокупната светска музичка индустрија. 

Србија, како и многу европски држави, повторно ќе ги отвори своите граници без никаков лимит или пи-си-ар тестови (PCR). Организаторите напомнуваат дека доколку дојде до нов бран на епидемијата во поединечни држави, посетителите од тие земји ќе мора да поминат на пи-си-ар тест кој ќе биде бесплатен или со симболична цена. Сепак, српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека епидемиолозите очекуваат дека ситуацијата во цела Европа до август ќе биде целосно под контрола.



Спонзорирани линкови

Маркетинг