Сања Лукаревска: Северен Кипар фасцинира со оригиналноста

Точка

06/11/2019

10:26

4.307

Големина на фонт

а а а

Изобилува со природна убавина, топлина, чисто небо кое зборува во бои, недопрени плажи, богата култура и традиција и навистина љубезен народ...Северен Кипар е нашата дестинација за денеска и избор на директорката на УЈП, Сања Лукаревска со која ќе патувате.

За релативно кратко време (со авион) сте таму. Еве што не смееете да пропуштите да видите. Но, откривајте ги и уживајте и на прекрасните плажи, додека времето се уште го дозволува тоа.  

Кој е првиот ваш впечаток за Северен Кипар? 

- Бои, сонце, чисто море, неоткриени плажи, стари антички населби, вкусна храна, легенди и митови, религија. Композиција од вкусови, мириси, природни богатства.


Што ви се допадна, што е она што го има таму, а го нема на друго место? 

- Оригиналноста е првото нешто што остава впечаток при посетата на Северен Кипар, познат како турскиот дел. Во него на секој чекор се врежани различни историски периоди. Историјата оставила трага дури и на најмалиот камен. Северен Кипар е потсетник на старите антички населби и градби, дури и дрвјата од кои се шират мириси од разни цветови сведочат за извонредни митови и легенди. Посебно искуство е да се видат остатоците од неолитските населби и големите антички градови кои рефлектираат повеќе периоди. Во Соли ќе го видите импозантниот Римски театар од 2-риот век. Изграден е врз остатоците на грчкиот театар, со прекрасен поглед кон морето. Северен Кипар ја чува одбранбената кула во Фамагуста, позната како Кулата на Отело. На шест километри од градот Фамагуста се наоѓаат неверојатните остатоци од Саламана. Сместен покрај прекрасна плажа, за кој се верува дека е еден од најголемите антички градови.Тука може да поминете еден цел ден шетајќи и разгледувајќи ги урнатините на овој град кои некогаш биле гимназија, живеалишта, театри, читални...Едноставно, Северен Кипар е мозаик од стари урнатини со уникатен и восхитувачки поглед од секоја страна. Овој остров бил засолништето на крстоносците, остров каде се изградиле палатите на француските лусињани, пристаништата на веницијанските занаети, силните отомански замоци и готски структури...


Што ви недостасуваше? 

- Тоа што деновите кратко траеа, можеби? Речиси и да немам забелешка за време на мојот престој во Северен Кипар. Времето таму го поминав со мои блиски пријателки и можеби и да имало нешто што можеби на некој начин би пречело, ние целосно бевме предадени на убавините и нашите сетила ги восприемаа само позитивните нешта.

Освен плажирање, што нуди оваа туристичка дестинација? 

- Таму и плажирањето знае да е предизвик и вистинска авантура. Речиси секој ден може да бидеш на различна плажа и да откриваш нови. Северен Кипар е компилација од различни историски периоди за што сведочат атрактивни локации од кои неколку напоменав во ова интервју и тоа е уште една каракеристика што го прави овој остров посакувана туристичка дестинација. Оригинален и свој, со посебно вкусна храна која и да ја сретнете во друга земја, сигурно нема да биде зготвена така вкусно како што е таму. Изобилува со природна убавина, топлина, чисто небо кое зборува во бои, недопрени плажи, богата култура и традиција и навистина љубезен народ.


Каков е односот на мештаните кон туристите, менталитетот? 

- Мештаните се навикнати на туристи и така се поставени кон нив како и тие самите да се туристичка атракција. Пред вас готват, ве водат до место кадешто сакате да одите, ви препорачуваат локации, храна, облека...

Освен од туризам, од што живеат?

- Имајќи предвид дека економијата на Северен Кипар е под големо влијание и зависи од туризмот, значителен дел од локалното население е во угостителскиот бизнис. Додека останатите работат во различни сектори. Северен Кипар е дестинација за работа и за студенти и за странци кои со скратено или полно време работат во хотели, ресторани, казина и сл.


За колку време се стигнува од Македонија?

- Патот не е долг, со авион се стигнува за 2,5 часа.

На што да внимаваме ако решиме да го посетиме Кипар? 

- Посебно треба да се внимава да не пропуштите ништо 😊


(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг